Како е да се биде геј во Германија?

Од:

Политика – Белград

По ирскиот референдум, се зголемува притисокот врз официјален Берлин со закон да одобри хомосексуални бракови, а не само регистрирано животно партнерство.

Вљубената двојка сакала само мала прослава, но мајката на невестата сакала на својата ќерка да и организира голема свадба. Ги поканила сите роднини на свадбата и пред гостите свечено објавила: Мојата ќерка Јохана е лезбејка и таа денес се венчава за нејзината девојка Антје.

– Речиси никој од роднините не знаеја дека сме лезбејки, а многумина на поканите мислеле дека е печатна грешка кога прочитале две женски имиња. Говорот на мајката на Јохана многу ни значеше. А самата можност да го регистрираме животното партнерство кај матичар и да се венчаме во протестантска црква за нас беше пресвртница во животот, вели за „Политика“ 41-годишната Антје, која во Хајделберг води еден европски научен проект.

Како што вели, не сака да и се објави целото име и презиме со цел на работа да не ја поврзуваат со нејзината сексуална ориентација. Сепак, многу сака да зборува за тоа како и таа и нејзината сопруга во 2001 година биле меѓу првите хомосексуални двојки кои во германската покраина Баварија го регистрирале партнерството.

Иако Германија меѓу првите воведе можност за истополовите двојки да го регистрираат животното партнерство кај матичар, официјален Берлин не продолжи по стапките на Велика Британија, Холандија, Франција или Шпанија за озаконување на хомосексуалниот брак.

Меѓутоа, неодамнешниот ирски референдум на кој Ирците мнозински рекоа „да“ за истополовите бракови, во германската јавност го постави прашањето зошто во Баварија е невомозжно нешто што го поддржува мнозинството дури и во руралните предели на Ирска.

И додека владејачките социјалдемократи и опозициската Левица и Зелените се залагаат за легализација на геј браковите, владејачките демохристијани на канцеларката Ангела Меркел за сега го одбиваат тоа. Изминатите години животното партнерство по прашањето околу даночните повластици и некои права, многу беше изедначено со бракот, но не во целост.

– Се радувам на тој момент кога регистрираното животно партнерство ќе биде изменето во брак, не поради тоа што ќе имаме некои значително поголеми права, помалку ќе плаќаме данок или слично, туку поради тоа што едноставно нема да бидеме поразлични од останатите, вели Антје и додава дека сепак не верува дека тоа наскоро ќе се случи.

Таа всушност објаснува како е да се биде лезбејка во Германија, истакнувајќи дека многу работи се промениле на подобро. па така повеќе матичарот нема право да одбие хомосексуален брак да го регистрира како животно партнерство, што беше можно во Баварија кога таа и Јохана се регистрирале пред 14 години.

– Пораснав на село во северна Германија. Кога сретнав едно момче кое беше деклариран геј, тоа ми претставуваше откровение, бидејќи не сум единствена. Тоа ми помогна на другите да ја признаам својата сексуалност. Намерно се преселив во голем град каде не морав да ја кријам својата сексуална ориентација, вели Антје и додава дека подоцна кога се преселила во Хајделберг се вратила чекор наназад. – Бидејќи е помал град, мојата девојка не сакаше другите да знаат дека сме двојка, така дури ни на работа не знаеја за тоа се додека не добија покана за нашата свадба. Едноставно, така им објавивме на сите, додава таа.

И за Антонио, Италијанец кој долго време живее во Германија, регистрирањето на партнерство значело пресвртница во животот. Овој 35-годишен научник и неговиот партнер Миша, кој е од Полска, регистрирале животно партнерство минатата година.

– За мојот сопруг Мишо влегувањето во брак беше многу попроблематично, бидејќи тоа беше момент кога неговото семејство мораше да прифати дека тој навистина е геј, дека нема да се предомисли околу тоа, како и дека со стапувањето во брак и јас како негов сопруг станувам дел од неговото семејство, вели Антонио. – Додека за моето семејство нашата свадба беше уште една добра забава, за неговото тоа беше тежок момент. Меѓутоа, постепено се навикнаа и ме прифатија мене како член на семејството, вели тој.

Без оглед на тоа што ЛГБТ заедницата е прифатена во Германија, Антје и Антонио велат дека не се чувствуваат толку сигурно секогаш јавно да ги држат за рака своите партнери или да се бакнуваат.

– Миша и јас секогаш сме внимателни, дури и во либералниот Берлин. Имаме геј пријатели кои имале непријатности и едноставно не сакаме евентуално да доживееме некој да не нападне. Така на улица ретко се држиме за рака и не се бакнуваме. Едноставно се плашиме од насилство, вели Антонио и додава дека на работа или во училиште, пак, никогаш не почувствувал дискриминација или нешто слично.

И Антје истакнува дека таа и нејзината сопруга секогаш се внимателни.

– Поради сето тоа, не создадовме навика да се држиме за рака. Се уште ја имаме мислата во глава дека некој поради тоа попреку ќе не гледа и дека нема да бидеме безбедни, вели Антје, додавајќи дека поради тоа тие одат на одмор само на места кои се пријателски настроени кон истополните парови, но и тогаш многу внимаваат. – Бидејќи сме внимателни, до сега не сме имале некои непријатни ситуации. додава таа.

Двете не сакаат да ја опишат својата внимателност како страв, но затоа Антје истакнува дека единствено првата недела во јули (кога меѓу другото се одржува парада на гордоста во Келн, која е една од најголемите во Германија и Европа), во целост се чувствува слободно.

– Првата недела од јули за мене е Божик, бидејќи тогаш можеме слободно да се држиме за рака и да се бакнуваме. Тогаш едноставно се чувствуваме целосно слободни, вели таа со насмевка на лицето.

Дека во Германија мнозинството се свесни за човековите права на ЛГБТ популацијата, сведочат и резултатите од истражувањето на магазинот „Штерн“ од 2013 година, во кое 74 отсто од анкетираните го поддржале воведувањето на геј бракови. Во една ТВ емисија и канцеларката нагласи дека нема ништо против тоа, но коментаторите сметаат дека таа сега не сака со оваа тема да ги затегнува односите со конзервативниот дел на својата партија.

На прашањето, дали воопшто целокупното население треба да има право на референдум да одлучи за човечките права на ЛГБТ популацијата, Антје вели дека на тоа нема едноставен одговор.

– Од една страна, не треба мнозинството да одлучува за нешто што се човекови права, но од друга страна, сметам дека во Германија треба да се распише референдум за геј браковите, бидејќи преку дебати многу работи ќе им се објаснат на луѓето. А кога се ќе им се објасни, тогаш луѓето тоа го прифаќаат, исто како и во Ирска. вели Антје, со што се согласува и Антонио, кој укажува дека во Франција геј бракот е воведен со одлука на властите и дека поради тоа таму е многу попроблематично прифаќањето на правата на геј популацијата.

Би можело да ве интересира

Шпигел: Пратениците на СПД не го сакаат Шолц за кандидат за канцелар туку Писториус

Захарова ја повика Германија да го укине статусот на почесен граѓанин на нацистите

Горан Наумовски

Германија има хроничен недостиг од возачи на камиони: „Ни требаат уште 100.000“

Шолц ќе побара гласање за доверба на владата на 11 декември

Малолетник планирал терористички напад во Германија: Сакал да го спроведе пеколниот план за време на божиќните празници

Марија Захарова: Политичкиот систем на Германија е класична „банана република“