Врховниот суд на Египет соопшти денеска дека повторно ќе биде отворен случајот на поранешниот претседател Хосни Мубарак, поради убиство на околу 800 демонстранти во 2011 година.
Судијата ја прифати жалбата на јавниот обвинител на претходната судска одлука со која е отфрлена тужбата против Мубарак и најави дека новото судење ќе почне на 5 ноември.
Тоа ќе биде трет пат поранешнипт египетски претседател да одговара за истото обвинување.
Судот на 29 ноември го отфрли обвинението за убиство против Мубарак, поради смртта на демонстрантите за време на протестот во 2011 година, со кои тој беше соборен од власт. Судот го ослободи и од обвинението за корупција при извоз за гас во Израел, но тој остана во затвор, бидејќи е осуден на тригодишна казна поради корупција во друг случај.
Мубарак, кој сега има 87 години, се наоѓа во воената болница Маади во египетскиот главен град.
Седум команданти на египетските сили за безбедност, вклучувајќи го и поранешниот министер за внатрешни работи Хабиб ал Адли исто така беа ослободени од обвиненијата за смрт на демонстрантите.
Мубарак беше претседател на Египет речиси 30 години, по атентатот на екстремистичкото крило на Муслиманското Братство, врз неговипт претходник Анвар ел Садат.
Садат беше убиен во текот на една воена парада, затоа што го потпиша мировниот договор со Израел и ја призна еврејската држава, ставајќи крај на египетско-израелското непријателство.Покрај него на свечената трибина беше и Мубарак, тогаш потпретседател на државата, но во нападот тој остана неповреден.
Во февруари 2011 година Мубарак беше принуден да се повлече од функцијата претседател, за да се смират тензиите во земјата за време на т.н. „арапска пролет“.