Македонски дела ќе се објават на шпански, српски и бугарски јазик

Од:

Десет книги на македонски автори ќе бидат преведени на шпански, српски и бугарски јазик. Ова се најновите резултати од Конкурсот за финансирање преводи на репрезентативни дела од македонската книжевност од странски издавачки куќи.

Конкурсот за странски издавачи е дел од програмата на Владата и Министерството за култура. Најновите резултати на денешната прес-конференција ги соопшти министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Издавачката куќа „АВЕКА“ на шпански јазик ќе го објави делото „Слики и сенки“, избор од поетското творештво на Љубомир Груевски. Ова издание ќе биде објавено и на српски јазик од страна на Здружението на писателите на Србија. Книгата поезија „Препреки“ на Ристо Лазаров на српски јазик ќе ја објави Народната библиотека од Србија „СТЕФАН ПРВОВЕНЧАНИ“. Издавачката куќа „ЕРГО“ од Бугарија  ќе го објави на бугарски јазик делото „Избор поезија“ на Анте Поповски. Издавачката куќа „ПЕРСЕЈ“ на бугарски јазик ќе го објави романот на младата авторка Фросина Пармаковска, „Вишнова хроника“ кој беше и годинашен финалист на конкурсот на Утрински весник „Роман на годината“. Истата издавачка куќа, „ПЕРСЕЈ“, на бугарски јазик ќе го преведе и романот „Сплаварот“ на Владимир Плавевски.  Издавачката куќа „ИЗИДА“ на бугарски јазик ќе ги преведе првиот роман на младиот автор Давор Стојановски, „Ненасловена месечева соната“ и книгата која содржи два романа, „И човек и пес“ на Владо Димовски. Издавачката куќа „АГОРА“ на српски јазик ќе ги објави романите „Во очекување на Нобеловата награда“ на Душко Родев и „Резервен живот“ на Лидија Димковска.

Министерката за култура информира дека на новиот конкурс за странски издавачи за 2015 година, објавен во јануари и што ќе биде отворен во текот на целата година, пристигнале 17 пријави од Србија, Шпанија, Бугарија и Италија. Селекцијата ја извршила стручна комисија, претседател Нове Цветаноски и членовите проф. д-р Виолета Димова и м-р Енвер Беќири.

Таа изрази уверување дека бројот на поддржани преводи на најрепрезентативните дела од македонската литература и во иднина рапидно ќе се зголемува.

– Овој проект заедно со останатите капитални проекти од областа на издавачката и литературната дејност кои ги реализиравме во изминатиот период уште еднаш пред светот ќе ги потврди големите творечки потенцијали и богатството на македонската книжевност, рече Канческа- Милевска. За овие десет дела од буџетот се издвоени околу 20 илјади евра.

Цветаноски потенцира дека се поддржани уште десет квалитетни дела од квалитетни и афирмирани македонски автори. – Тоа се дела кои имаат високи естетски и литерарни вредности и уверен сум дека по нивното објавување ќе бидат соодветно третирани и ќе наидат на добар прием, рече Цветаноски.

Од објавувањето на првиот конкурс во  јануари 2014 година до денеска до Министерството за култура се доставени 67 апликации од 38 издавачки куќи од цела Европа.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска