На стадионот на Работнички во Градскиот парк во Скопје денеска се одржа финалето на фудбалскиот „Coca-Cola Куп 2015“. Момчиња и девојчиња од 12 до 16 години од цела Македонија, пред бројната публика ги одмерија и ги покажаа своите способности, а најдобрите ги добија заслужените медали.
„Coca-Cola Купот“ се организира четврта година по ред од страна на Пивара Скопје АД, Coca-Cola компанијата и организацијата Отворени забавни фудбалски школи, во соработка со основните и средните училишта и општините.
На финалето му претходеа натпревари одиграни во изминатите два месеца во кои учествуваа рекорден број од 2.000 ученици од 150 училишта од 21 општина од цела Македонија.
Основната цел на проектот е создавање здрави животни навики кај најмладите преку практикување физички и спортски активности.
– Спортот и редовната физичка активност се важен дел од правилниот развој на децата. Денес голем број млади се пред компјутер, телевизор, мобилен, сѐ помалку време поминуваат надвор дружејќи се со своите другари. Не се доволно физички активни и немаат начин како да потрошат калории. Со „Coca-Cola Купот“ одигравме над 200 натпревари, вклучивме повеќе од 2.000 деца од цела Македонија. Наша заедничка цел е тие да пораснат во здрави личности свесни за придобивките од физичката активност и балансот помеѓу внесувањето и трошењето калории, рече Цено Александровски, претставник на меѓународната невладина организација Отворени забавни фудбалски школи.
Coca-Cola Купот ги обединува децата и нивните семејства, училиштата, општините, невладиниот сектор и бизнис заедницата во заедничка платформа која има цел создавање здрави животни навики.
– Проектот кој се реализира веќе четири години, поддржува и поттикнува уште поголема иницијатива кај училиштата и семејствата во нивните настојувања кај своите деца да всадат љубов и желба кон спортот како основа на здрав живот. Годинава, бележиме рекорден број од 2.000 учесници. За нас тоа е доказ дека проектот е одлично прифатен и дека сме на добар пат кон создавањето здрави генерации млади луѓе кои ја негуваат љубовта кон спортот и физичката активност, изјави Александар Ружевиќ, генерален директор на Пивара Скопје АД.