САД денеска формално ја отстранија Куба од „црната листа“ на земји кои финансираат тероризам, соопшти Стејт департментот.
Со бришењето на Куба од американската „црна листа“ се отстранува главната бариера за обновување на дипломатските врски меѓу САД и Куба по 54 години.
Кубанскиот претседател Раул Кастро неодамна најави дека Хавана и Вашингтон ќе разменат амбасадори, кога Куба ќе биде отстранета од американската „црна листа“ на држави кои спонзорираат тероризам.
Куба беше една од четирите земји, покрај Иран, Судан и Сирија, на листата држави кои финансираат тероризам.
Американски и кубански претставници веќе разговараат за обновување на дипломатските односи, што се оценува како историски настан.