Добре Тодоровски за збирката раскази „Помен за едно време“ е годинашен добитник на наградата „Крсте Чачански“, по конкурсот што по петти пат го распиша Културниот центар „Бран“ и Ревијата за книжевност „Бранувања“ од Струга.
Жирито во состав: Марина Мијаковска (претседател), Мишо Китаноски и Тоде Илиевски (членови) по разгледувањето на пристигнатите ракописи, го избра делото на Тодоровски поради неговиот придонес во збогатувањето на македонската книжевност.
– Расказите се во елигичните бои на минливоста. Тие претставуваат исечоци од интимниот дневник на писателот и носат изворни белези, соопшти жирито. Наградената книга ќе биде промовирана на 3 јули во Струга.
Добре Тодоровски е автор на романи и збирки раскази. Тој е потпретседател на Македонското научно друштво – Битола.
Досегашни добитници на наградата „Крсте Чачански“ се Христо Петрески, Милован Стефановски, Петре Димовски и Марина Мијаковска.