Собранието поддржа повеќе закони во прво читање

Од:

Собранието на Република Македонија во попладневниот дел од денешната работа по дневниот ред на 49-тата седница поддржа повеќе законски решенија во прво читање и заклучи да се дадат на натамошна постапка.

Измените и дополнувањата на Законот за заштита на потрошувачите, во прво читање, треба да овозможат создавање сеопфатна правна рамка за заштита на потрошувачите  во Република Македонија, особено во делот на е-трговијата.

Пратеничката Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека со овие измени и дополнувања, меѓудругото, треба да овозможат и подобра информиранст на потрошувачите за нивните права при купувањето на производи и услуги особено преку средствата за далечинска комуникација (како што се интернет и електронска пошта) и надвор од деловните простории на трговецот, а воедно и појасни правила за трговците на единствениот пазар на ЕУ, транспарентност на понудата од трговците со истакнување на вкупната цена на производот или услугата со сите додатни давачки, а воедно и да го сноси ризикот за евентуално оштетување на стоката  при превозот до времето кога потрошувачот ја презел стоката.

Се регулира, рече таа, и правото на потрошувачот да го раскине договорот со трговецот во рок од 14 дена и обврската на трговецот да му ја врати на потрошувачот целата сума пари која ја дал согласно договорот, и да го информира за за трошоците за поврат на стоката, а се укинуваат и додатните трошоци за потрошувачите при плаќање со кредитна картичка или друго средство на плаќање од страна на трговците, како и при користење на дежурни телефонски линии за добивање на информации.

Новина, според неа, е воведувањето образец за потрошувачите за раскинување на договорот со трговецот доколку потрошувачот се премислил и сака да го раскине договорот склучен на далечина или надвор од деловните простории на трговецот.

Владанка Авировиќ од СП посочи дека станува збор за закон кој пред се е намемент за заштита на потрошувачите, особено при купување по електронски пат.

Независната пратеничка Роза Каревска Топузова истакна дека овој закон ги засега сите граѓани на Република Македонија поради што, како што рече, треба да се носи со претходно организирање на јавна расправа.

Собранието го прифати и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, во прво читање.

Со измените се предвидува воведување на промени и бришење преку Систем за е-регистрација  и проширување на категоријата  „регистрациски агент“.

Измените имаат за цел да се изврши надградување на Системот за е-регистрација, со вклучување на уписот на промени и и бришење на трговските субјекти да се одвива исклучиво по елекртонски пат преку Систем за е-регистрација, како и воведување во категоријата на „регистрациски агенти“ на адвокатите како овластени подносители на електронска пријава  за основање, промена и бришење на трговските субјкети  преку систем за е-регистрација.

Прифатени беа и измените и дополнувањата на Законот за трговија, во прво читање, со кои се регулира продажбата на употребувани моторни возила преку регулирање на увозот на употребувани моторни возила од страна на физичките лица граѓани за свои потреби и преку дефинирање на автоплацевите како посебна категорија на продажни објекти за трговија со стари моторни возила.

Пратениците ги прифатија и измените и дополнувањата на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, во прво читање, со кои треба да се создаде можност за докуп на стаж за граѓаните на кои не им е платен придонесот за пензиско и инвалидско осигурување за период до 31 декември 2008 година. Датумот  кој е определен како граница за можност за откуп на стаж е поради фактот дека од 1 јануари 2009 година започна системот на интегрирана наплата на плати и придонеси.

Граѓаните на овој начин ќе можат да го остварат своето право на пензија или пак на повисока пензија, со правото по повластена стапка да го докупат стажот за кој во компаниите во кои во минатото работеле не им биле платени придонеси, а кои во моментов не постојат, односно згаснале како резултат на стечај, ликвидација или од најразлични причини.

Воедно, измените и дополнувањата предвидуваат Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, недвижниот и движниот имот кој му е доделен во судска постапка по основ на неплатени придонеси за пензиско и инвалидско осигурување за период до 31 декември 2008 година, да може да го продава и зависно од траењето и износот на добиените средства од продажбата на имотот соодветно да утврди стаж на осигурување и основици на осигурување за секој осигуреник кој бил пријавен во задолжително социјално осигурување поединечно.

Плаќањето на придонесот се однесува за целиот период кој не е утврден во стаж на осигурување поради неплаќање на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување од страна на обврзникот за пресметка и уплата на придонесот, а може да се изврши најмногу до 12 последователни месечни рати.

Според предлогот, основица за пресметка и плаќање на придонесот изнесува 50 проценти од просечната плата за претходната година од годината во која е поднесено барање за плаќање на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување, објавена од Државниот завод за статистика на Република Македонија. Плаќањето на придонесот се врши според стапката на придонес за пензиско и инвалидско осигурување утврдена со закон.

Со Предлог законот за отпишување на камати на достасани обврски по основ на  придонеси од задолжително социјално осигурување, во прво читање, пак, се овозможуваат услови за отпишување на камата по основ на придонеси која е акумулирана во изминатиот период и која претставува значително оптоварување во работењето на деловните субјекти.

Седницата ќе продолжи в четврток.

Би можело да ве интересира

На 29 јули интерпелација за републичкиот јавен обвинител – Љупчо Коцевски

А1он

Пратениците дебатираат за ребалансот на Буџетот за 2025 година

Утре на пленарна седница ќе биде дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2025 година

Собранието ќе одлучува за дополнетиот ребаланс на Буџетот одобрен од Владата

Мицевски: Владата има луѓе, има механизација сега и се справува со сите можни и неможни позиции коишто ги има

Левица: Африм Гаши, уценет од ВМРО-ДПМНЕ, илегално ја поништи закажаната Надзорна расправа за Кочани