Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер денеска го поздрави унгарскиот премиер Виктор Орбан со „Здраво диктаторе“, по пристигнувањето на Самитот на ЕУ во Рига.
Јункер унгарскиот премиер го поздрави пред новинарите, кои наведуваат дека претседателот на ЕК бил добро расположен, но дека тие не слушнале што Орбан одговорил.
Канцеларијата на Јункер во одговор на прашањето на новинарите што Орбан изјавил, исто така, објави дека не чуле реплика од унгарскиот премиер, јави БТА.
Орбан во понеделникот во Европскиот парламент во Стразбур инсистираше на тоа дека Унгарија има право да го ограничи влезот на емигранти во земјата, а исто така, зборуваше и за правото за повторно воведување на смртна казна во земјата.