Во издание на „Матица македонска“ од Скопје излезе од печат стихозбирката „Молох – пеш по светот“ од Матеја Матевски.
– Новата поетска книга на Матевски е трогателна лирска aпотеоза на човечкото жртвување во универзални космички димензии и во еден краен вселенски молк. Во стихијата на вечниот заборав, поетот во своето лирско патување воскреснува мноштво спомени од реалниот живот, од различни меридијани и култури, и со моќта на зборот, мајсторски ги детерминира и овековечува во трајни споменици на нашата цивилизација. Со една своевидна продлабочена инспирација и со препознатлива творечка егзалтација, преку симболот на семитското божество на сонцето, на огнот и на светото жртвување (Молох), поетот ја идентификува судбината на човекот и неговиот свет придионес во општото постоење, пишува Раде Силјан во рецензијата за делото на академик Матеја Матевски.
Во својата дваесет и втора поетска книга, познатиот македонски поет застапува педесеттина песни, поеделени во шест тематски циклуси.