Првиот финален натпревар од Источната конференција одигран ноќеска го доби Кливленд со 97:89 на теренот на Атланта. Кливленд по изедначеното прво полувреме (51:51), одигра добра трета четвртина, а на стартот на последниот период со серија од 11:0 имаше и највисока предност (85:67). Во серијата од 11 поени, девет постигна Џеј Ар Смит (три тројки) по три асистенции на Кајри Ирвинг. Инаку, Смит натпреварот го заврши со 28 поени (8 тројки), а најефикасен беше неговиот клупски колега Леброн Џејмс со 31 поен.
Во редовите на Атланта најпрецизен беше Џеф Тиг со 27 поени, а сериозен проблем може да претставува повредата на Демар Керол. Тој на пет минути пред крајот на дуелот во контранапад го повреди левото колено и денешните прегледи ќе покажат за сериозноста на повредата. Керол е најефикасниот играч на Атланта во досегашниот тек од плеј офот.
Натпреварот број 2 се игра истотака на теренот на Атланта во петок навечер, а вечера се игра дуелот број 2 од финалето на „Запад“ меѓу Голден Стејт и Хјустон (Голден Стејт води со 1-0).