Турската Влада ги осуди двете експлозии, кои денеска претпладне ги потресоа седиштата на прокурдската Демократска партија на народите (ДПН) во Мерсин и Адана, во јужна Турција, на само три недели пред парламентарните избори на 7 јуни, пренесе БТА.
Шест лица се ранети во експлозијата во седиштето на ДПН во Адана, од кои три посериозно.
-Жестоко го осудуваме овој напад, изјави премиерот Ахмет Давутоглу на предизборен митинг во Караман, во централна Турција.
„Ние од самиот почеток го отфрливме насилството“, додаде премиерот. „Ние ги осудуваме нападите и до крај ќе ја следиме истрагата за откривањето на виновниците за нив“, вети Давутоглу, цитиран од весникот „Хуриет“..
Давутоглу упати повик до сите партии за заедничка принципелна позиција против насилството за време на предизборната кампања.
Владиниот портпарол Булент Аранч нападите ги оцени за „провокација“
Лидерот на ДПН, Селахатин Демирташ, не го откажа за денеска попладне закажаниот предизборен митинг во Мерсин.
Од почетокот на предизборната кампања ДПН беше цел на десетици напади или вкупно 73, според податоците на партијата.