Бугарскиот филм „Жената на мојот живот“ на Андон Дончев, во кој копродуцира Македонија, утре во два термина ќе биде прикажан на филмскиот маркет во Кан. Филмот е во продукција на „Арс“ од Бугарија, а македонски продуцент е Димитар Николов.
Драмата е копродукција помеѓу Бугарија, Македонија, Курдистан и Романија, а ја поддржа Агенцијата за филм на Македонија. Една од главните улоги ја толкува македонската актерка Кристина Христова-Николова.
Филмот, исто така, е поканет и на неколку меѓународни фестивали. Веќе се потврдени учествата на фестивалот во Москва во програмата „Слободна мисла“, на интернационалниот филмски фестивал „МареМостра“ во Палма де Мајорка, како и на филмскиот фестивал во Улан Батар, Монголија.
Филмот се снимаше во 2014 година, во сите земји кои учествуваат во проектот, како и во Кипар и во Турција.