Барање од странските амбасади да ги укинат препораките за претпазливост за патување во Македонија и упатување пораки од македонските амбасади во странство дека состојбата е стабилна и дека станува збор за изолиран инцидент, се дел од заклучоците на Советот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот на Република Македонија кој на денешната вонредна седница ги разгледуваше случувањата во туризмот со откажувања на резервации.
Советот апелира до сите политички чинители и учесници на идните протести за нивно минимизирање или доследен мировен протест без инциденти и насилства и до медиумите да не се врши лична интерпретација на состојбите во Македонија од страна на новинарите и другите чинители кои влијаат врз оформување на јавното мислење во Македонија.
Меѓу заклучоците за намалување на влијанието на актуелната состојба врз туризмот е и реализација на промотивна кампања под слоганот Безбедна Македониј, по примерот на Хрватска, намалување на цените на аранжманите со цел зголемување на конкурентноста на пазарот и организирање промотивни тури за странски медиуми кои директно би ја пренеле состојбата во Макеоднија во земјите од каде што доаѓаат.
Директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот Кристијан Џабазовски изрази загриженост за случувањата во Македонија и посочи дека тие може да влијае на намалување на атрактивноста на Македонија како туристичка дестинација.
– Од странските соработници Агенцијата доби известување за намалување на бројот на резервациите од Холандија, но дека аранжманите и чартерите за оваа сезона се одвиваат согласно предвидената диманика. Има откажувања на резервациите од земјите од соседството но дека тие засега се минимални и повеќето се од страна на индивидуалните туристи, рече Џамбазовски.