Романот „Бездомникот со златен часовник“, на Верче Каранфиловска е промовиран денеска во Домот на култура во општина Илинден, во рамки на 16.Литературна манифестација „Илинден 2015“.
За авторот и значењето на овој прв роман на Каранфиловска, зборуваше промоторот Милош Димовски, кој рече дека „Бездомникот со златен часовник“ е современ роман сместен во Скопје 2027 година.
Според него, тоа е сведоштво на скршени животи, што го бележи патот кој човек го изодува од калта – до ветениот подем.
– Романот го почнав пред 5 години без да знам што сакам да кажам. Сè што знаев е дека сакам да пишувам за бездомник, и тоа беше тоа. Некое време помина додека низ реката испишани зборови ја најдам приказната која сакав да ја раскажам – човечка судбина, засенчена со сите оние општествени и човечки теми кои нè засегаат и секогаш нè засегале. Ми требаше долго, но конечно сум тука, истакна авторката Каранфиловска.