Српскиот премиер Александар Вучиќ изјавил дека на 27-ми мај ќе ја посети Тирана, бидејќи е важно да се унапредуваат односите во регионот и да се вложува во мирот и стабилноста, пренесува Танјуг.
„Важно е да вложуваме во мирот и стабилноста на регионот за секоја од нашите држави и за да не се повтори она што се случи во Куманово“, изјавил Вучиќ по средбата со претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина (БиХ) Борис Звиздиќ во Сараево.
Вучиќ потенцирал дека ситуациите како онаа во Куманово мораат да бидат спречени и дека само низ мир и соработка сите земји во регионот ќе можат да напредуваат.
Српскиот премиер исто така додал дека сè уште „постојат глупави луѓе кои не мислат дека народите во регионот мораат да живеат заедно и да имаат заедничка иднина“.