Австриската полиција разби синџир за трговија со наркотици, кои организирале шверц на кокаин низ целиот свет, јави Танјуг.
Во операцијата „Примавера“ се уапсени 30 лица осомничени за шверц на 38 килограми кокаин во Австрија. Исто така, уапсените се осомничени за продажба на 50 килограми кокаин низ целиот свет.
Полицијата во Грац во февруари 2011 година во интервенција во „јавна куќа“ уапси еден 45-годишен жител на градот, кој продавал кокаин. Преку него полицијата влегла во траг на еден 47-годишен жител на Виена и 66-годишен маж од Грац, кои имале контакт со Австриец што подолго време живее на Костарика.
Лицето од Костарика го снабдувал трговците во Австрија, за транспорт бил задолжен 47-годишен маж од Виена, кој организирал летови преку нарко-курири меѓу Костарика, Бразил, Чиле и Европа.
Организаторот на патувањата бил уапсен пред две години при враќање во Австрија, откако полицијата во неговото возило открила 2,2 килограми кокаин.
Од јануари до мај минатата година полицијата уапси 26 лица во Виена, меѓу кои и еден Србин, кој бил задолжен за вооружување на групата.
Според Алојза Еберхарт од полицијата во Грац Србинот бил оценет како многу опасно лице. Во својот стан во Виена тој чувал оружје, како и имал четири лажни идентитети.
Од вкупно 30 осомничени, повеќе лица се осудени на повеќегодишни затворски казни. Со нив е докажано купување и продажба на 88 килограми кокаин. Државниот обвинител Хансјерг Бахер изјави дека оваа акција против нарко-бандата била пример за совршена меѓународна соработка.