Тројца македонски автори Томислав Османли, Александра Прокопиев и Вера Стојчевска Антиќ, по десетина години отсуство на наши претставници, учествуваа на 12. Меѓународен саем на книгата во Солун, што се одржа од 7 до 10 мај.
Тие се претставија на саемот на 10 мај, во ударен термин, и во присуство на видни личности од солунскиот научен, културен и општествен живот.
Говорејќи за влијанието на просветителската традиција на солунските браќа во делата на македонските автори, Стојчевска-Антиќ имаше забележан настап посветен на тема „Химни за Св. Кирил“, додека говорник од грчка страна беше проф. Емилиос Тахеос од Центарот за студии на кирило-методиевското култирно наследство, професор славист и надворешен член на две балкански академии.
Беа читани песни на македонски јазик и преводи на грчки на песни од Блаже Конески, Матеја Матевски и Јован Павловски во изведба на студентки по славистика на солунскиот универзитет „Македонија“.
Османли и Прокопиев ги претставија своите романи „Дваесет и првиот“ и „Ѕиркачот“ како современи репрезентативни, наградени и пошироко приоштувани дела на современата македонската литература. Посебно забележан беше настапот на Томислав Османли, писател и преведувач од грчки, кој својата авторска презентација ја оствари со богат исказ на грчки јазик. Писателот Александар Прокопиев покрај претставувањето на својот роман, говорејќи на македонски јазик, одговори и на повеќе прашања врзани за неговото творештво и карактеристичниот постмодерен израз.
Повторното појавување на македонското знаме, штанд и изданија на солунскиот меѓународен Саем на книгата, беа овозможени со поканата од Грчката фондација на културата, со ангажманот на Генералниот конзулат на Република Македонија во Солун и поддршката на професорката Маврогени од славистичката катедра на солунскиот универзитет.