Жарко Кузмановски, Ненад Серафимовски, Сашо Самоиловски и уште двајца припадници чии семејства ќе бидат известени во овој момент, се петмината херои кои денеска ги дадоа животите за Република Македонија, изјави министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на вечерашната прес конференција.
Таа додаде дека повеќе од триесет полицајци се повредени. Шестмина биле погодени од огнено оружје пред неполн час откако поголема група терористи одлучила да се предаде.
Јанкулоска рече дека се уште трае операцијата на теренот и ќе продложи додека и последниот терорист не биде неутрализиран.
– Се бореа против една исклучително опасна терористичка организација. Пружале жесток отпор и по 16 часа непрекинато пукање. Користеле снајпери, бомби… МВР одговори соодветно, исклучително внимателно и со намера да се спасат евентуални цивилни жртви – рече таа.
Околу 18 часот првата група ги напуштила подрумите и упориштата и безусловно се предала. Веднаш потоа единиците на терен продолжиле да дејствуваат по информации дека е засолнета една група која одбила да се предаде.
– Ситуацијата на терен е се уште високо ризична – истакна Јанкулоска.
Таа рече дека МВР нема се уште информација за загинати цивили, а нема точна бројка за жртвите на страната на терористите.
Јанкулоска најави дека ќе се водат разговори со група од 30 лица, мажи, жени и деца за кои допрва ќе се утврдува дали им давале логистичка помош на терористите.
Не сакаше да каже од кога групата е во Македонија.
– Најлесно во вакви моменти е човек да избега од одговорноста наместо да се соочи со ситуацијата и да работи на нејзино расчистување – рече Јанкулоска на прашањето дали чувствува одговорност.
Акцијата, додаде, беше планирана и добро раководена и не постоеше можност за нејзино одлагање.
– Фактот што се одвиваше во густо населена средина бил отежнувачки за акцијата поради што таа траеше толку долго и штетите се ненадоместливи – рече таа.
МВР имало информации за утврденоста на групата.
Јанкулоска нагласи дека ова било исклучително тешка акција, со каква досега не се соочиле полициските сили.
– Ова е премногу сериозно за некој да го користи за дневно политички поени – одговори Јанкулоска на прашање од провладин медиум.