Професорот во пензија и поранешен началник на СДБ, Иван Бабановски, вели дека на петти мај полицијата била злоупотребена за со примена на агресија да ја оддалечи толпата од владиниот објект пред кој се протестираше. Тоа доведе до блокирање на пристапот до институциите на протестите кои следеа овие денови.
Тезата на професорот е дека на протестот беа уфрлени демонстранти со единствена цел да ги испровоцираат безбедносните сили за полицијата да тргне кон нив. Не успеваа во тоа, вели професорот, се додека не беа распоредени агресивните специјални сили и откако беа пуштени водените топови.
– Ова што се случува е идентично на она што Хитлер го направи во 1933 година кога ја воведуваше фашистичката диктатура. Ова е дерогација на сите уставни и законски права од областа на човековите права и слободи. Ние загазивме длабоко во систем на диктатура, тортура и злоупотреба на власта против сопствените граѓани од актуелната владејачка гарнитура. Имаше злоупотреба на полицијата, како експерт за безбедност и политичка активност, проценувам дека полицијата беше злоупотребена – вели Бабановски.
Според него полициските службеници се однесувале професионални во првите часови на протестот на 5-ти мај со тоа што дозволија влегување во дворот на Владата. Но ситуацијата осмислено ескалирала.
– Во првите часови полицијата беше таква каква што треба да биде во мирни протести, иако имаше обиди да се испровоцират немири од страна на уфрлени елементи од владејачката партија кои и се познати на полицијата, а и ние ги познаваме. Но и тие помина, во првите часови имаше коректен и достоинствен однос кај најголем дел од полицајците. Незадоволен од тоа премиерот нареди глутница партиски кучиња, кои го обезбедуваа конгресот на ВМРО-ДПМНЕ во Куманово, платеници без мозок, да дојдат и да почнат да го тепаат сопствениот народ. Тоа никогаш нема да му го простиме на Груевски. 90 отсто од тие што протестираа беа млади. По секоја цена сакаа но не успеаја да не испровоцираат. Мораа да дојдат со сила и да маршираат со своите фашистички фаланги за тогаш да го изреволтираат народот. Тогаш применија сила. Насилството го направија тие, со бојните коли и фашистичката техника. Ние не бевме насилници, никогаш не би удрил на мој колега. Тие што бевме во првите редови ги блокиравме обидите на провокаторите – посочува професорот кој вечерта во вторникот протестираше пред Владата со илјадници други граѓани.
Бабановски очекува протестите да се омасоват и да се рашират во сите градови. Тој вели дека особено ќе биде предизвикан гневот на народот доколку МВР не дозволи да се протестира пред државните институции. Според него можна е радикализација на протестот на опозицијата најавен за 17-ти мај.
– Сега на сите страни на државата ќе има протести и револт и не може таа полиција да биде распоредена секаде и да се носи со протестот и револтот, а тој од ден на ден ќе расте. Повеќе немаме партиска боја, туку граѓанска, доаѓаме да ја одбраниме државата од фашистичка диктатура. Не може никој да ме етикетира дека сум СДСМ само затоа што одам на протест, кога никогаш не сум припаѓал на таа партија. Јас сум меѓу оние луѓе кои сакаат демократска Македонија и кои не можат да дозволат една партијата да ја злоупотребува власта. Таа партија за која сум гласал, на таа партија, која станала фашистичка, и го одземам мандатот и со тоа премиерот нема мандат да биде мој премиер. Некогаш сум му го дал мандатот, но не за да воведува фашистичка диктатура – потенцира Бабановски откако премиерот ги оквалификува протестите против полициска бруталност како партиски.
Маја Васева