По повод 20-годишниот јубилеј од премиерата на „Пред дождот“, култниот филм на македонскиот режисер Милчо Манчевски, од денеска до 10-ти мај во Скопје ќе се одржи ретроспектива на неговиот филмски опус.
Под мотото „Снимај, бе, братучед, снимај!“ ретроспективата ќе биде отворена со прикажување на дигиталната копија на филмот „Пред дождот“ во киното „Милениум“, по што ќе следи и средба на режисерот со гледачите. Во тек на четиридневната манифестација ќе бидат прикажани и филмовите „Прашина“, „Сенки“ и „Мајки“, предвидена е трибина, а ќе биде промовирана и специјална монографија за филмското творештво на Манчевски.
Манифестацијата е под покровителство на Друштвото на филмските работници на Македонија, а се реализира со финансиска поддршка на Агенцијата за филм.
Билетите за проекциите на филмовите во кината „Фросина“ и „Милениум“, како и за забавите кои ќе следат по нив ќе бидат бесплатни, а ќе треба претходно да се резервираат.