Лидерката на францускиот Национален фронт, Марин ле Пен ги обвини денеска во Прага европските лидери дека „со измама“ го донеле Лисабонскиот договор, кој според неа е „грубо копирање на погубниот проект за европски устав“.
– Пред 10 години милиони граѓани му рекоа „не“ на европскиот федерализам, но и покрај тоа оние, кои требаа да ја бранат и прифатат волјата на граѓаните, ги измамија со прифаќање, не директно од народот туку од парламентите, на договорот од Лисабон, кој е грубо копирање на погубниот проект за европски устав, објасни Ле Пен.
Освен тоа, таа упати критики до европските лидери, без да посочува имиња, и дека се виновни за нелегалната имиграција во Средоземното Море.
– Токму тие ги дестабилизираа Либија и Сирија, ги уништија овие земји и оттаму протераа милиони очајни луѓе. Токму тие денес, наместо да ги вратат имигрантите назад, наоѓаат нови начини да станат вистински помагатели на криумчарите, повикувајќи ги стотиците илјади луѓе кои тргнуваат на ваквите смртоносни патувања да дојдат во Европа со ветување дека ќе им помогнат, истакна Ле Пен.