До крајот на годината Полска се очекува да ја напуштат 1,3 милиони луѓе што би било рекорд во емиграцијата од таа источноевропска држава. Со тоа, бројот на жители на Полска кои се иселиле во последно време би бил дури три милиони, јавуваат локални медиуми.
Според истражување на дневниот весник Метро, главна цел на емигрантите е Велика Британија. Таму веќе живеат 642.000 Полјаци кои почнаа да се доселуваат пред десетина години во време на влегување на Полска во ЕУ во потрага по работа и поголема заработувачка.
Поради одлливот на млада квалификувана сила се случува во некои места во Полска да не остане ниту еден мајстор во некои професии.
Во анкета на Ворк сервис, дури 63 отсто испитаници кои се изјасниле дека во следната година планираат да ја напуштат државата биле помлади од 35 години.
Од вкупниот број анкетирани, 78 отсто навеле дека главна цел им е поголема заработувачка.
Според резултатите од анкетата, државата во најголем број ја напуштаат инженери, лекари, медицински сестри и негователки кои се грижат за стари лица.