Писателката Алина Апостолска од Канада, ќе гостува во Скопје, по повод промоцијата на преводот на нејзиниот наградуван роман „Едно лето од љубов и пепел“, во среда, на 6 мај, во Францускиот културен центар во 20 часот.
Ова е одлична можност домашните читатели да се запознаат со нашинката која зад себе има многу изданија, неретко преведувани и наградувани, и кои со нетрпение ги очекува публиката ширум светот. Книгата е во превод на Филип Илиев, во издание на „Или-Или“, а нејзиното излегување е поддржано од Канадскиот совет за уметности.
Алина Апостолска е родена 1961 година во Скопје. Најголем дел од животот го поминала во Париз, а од 1998 година живее во Монтреал, Канада. Историчарка по образование, таа работи како новинар во доменот на културата, но исто така и како издавач, предавач и организатор на настани. Има објавено околу триесетина книги за млади и возрасни. За овој роман е наградена со престижната книжевна награда на гувернерот на Канада.
„Едно лето од љубов и пепел“ е приказна за Ема, млада Квебекјанка, која ги придружува своите родители на северот на Индија, посетувајќи ја тибетската заедница во прогонство, собрана околу Далај Лама. Во судир со разните култури, области и обичаи кои ја распаметуваат, таа се вљубува во Тензин, момче кое е малку повозрасно од неа, сирак од Тибетското детско село. Ема и Тензин немаат заеднички јазик освен оној универзалниот, јазикот на чувствата, на сочувството и на откривањето на интимноста. Но, зар во тишината, отаде зборовите, не се раѓаат најголемите љубовни приказни?