Египетски суд денеска осуди на смрт петмина обвинети за убиство на 13 полицајци за време на протестите на приврзаниците на соборениот претседател Мохамед Морси во 2013 година.
Полицајците се убиени за време на напад на полициска станица во Кердас, во предградие на Каиро, на 14 авгсуст 2013 година. Истиот ден во судири со полицијата загинаа над стотина демонстранти.
Петмината осудени на смрт се дел од група од 183 обвинети во февруари, за убиство на полицајци, на кои им беше судено во отсуство. Бегалците подоцна се уапсени и денеска им е потвредена смртната казна.
Групите за заштита на човековите права наведуваат дека од соборувањето на Морси во јули 2013 година се убиени најмалку 1.400 лица во полициски акции за растурање на протести, во најголем дел исламисти приврзаници на соборениот претседател.
Стотина приврзаници на Морси се осудени на смрт во брзи масовни судски процеси, за кои ОН сметаат дека се без преседан во поновата историја.