Црногорците бараат гас и нафта во Јадранот

Од:

Правда – Белград

Сега е веќе јасно дека црногорското приморје лежи на гас и нафта. Тоа го потврди изјавата на др. Михаило Буриќ, експерт за хидрологија, дека во морето на Црна Гора можат да се очекуваат наоѓалишта на гас од околу 200 милијарди кубни метри гас, при што ќе има и големи наоѓалишта на нафта. Ако се остварат овие проценки. Црна Гора може да стане нафтено Елдорадо.

А дека има нафта се знаеше од порано, тврди Тихомир Драгашевиќ, проф. на Рударско-геолошкиот факултет во Белград. Драгашевиќ во 70-тите во истражувањето на нафта и гас бил вклучен како координатор и советник на националната компанија Југопетрол. Според неговите зборови, цел денешен интерес се темели на првите бушења кои почнале со склучување на договор меѓу Југопетрол и американската компанија Батес гас енд оил.

– Со договорот е опфатен истражниот простор од граничното подрачје со Албанија се до Превлака. По изведените сеизмички испитувања, со нивна пенетрација, лоцирана е бушотината ЈЈ-1, која на длабочина од 3.600 метри беше исполнета со гас под многу голем притисок – се присетува Драгашевиќ.

Странскиот партнер, тврди овој експерт, се откажа од работата поради непостоење на инфраструктура за пренос на гас. Овие иницијални истражувања беа охрабрување за новите партнери од Америка, бидејќи Југопетрол Котор веќе кон крајот на 1970 година потпиша договор со моќната американска компанија Шеврон од Сан Франциско. Таа компанија потпиша договори и со Црна Гора и со Хрватска за истражување на јаглеводор во Јадранот.

Во 70-тите и 80-тите години од Улцињ до Бар и Будва беа поставени четири бушотини. На тие локации сега на заинтересираните нафтени компании се понудени 13 истражни блокови на кои е исецкано подрачјето од албанската граница до Будва.

Со бушотините кои се правеа во следните три децении најдена е т.н. слатка лесна нафта. Овој вид на нафта има поефтино производство и преработка, бидејќи се наоѓа на помала длабочина. Слична е со нафтата од наоѓалиштата во Северно море, како и со дел од нафтата од Блискиот исток, Африка и Венецуела. Професор Драгашевиќ тврди дека треба да се извршат дополнителни бушења за да се добијат податоци за пресметка на резервите.

– Документацијата веројатно е зачувана и претставува вредност за согледување на понатамошните работи. Остана на нас, да преземеме неопходна работа за да ги валоризираме сопствените ресурси – рече Драгашевиќ.

Нафтата во Јадранот сакаат да ја истражуваат дури 24 странски компании. На тендерот за производство на јаглеводород се пријавија три конзорциуми, од по две компании. Понуди дадоа Маратон од Тексас и ОМВ од Виена, Ени од Италија, Новотек од Москва и грчко-англискиот конзорциум Енерџи оил гас и Медитеран оил гас.

Би можело да ве интересира

Штрајк на просветните работници во речиси 160 училишта во Црна Гора

ФОТО: Во експлозија во Котор оштетени седум автомобили

Емир Латифовиќ