Потписниците на Повелбата за солидарност, по повод Меѓународниот ден на работничката борба – Први мај, организираат протест за социјална правда и работнички права. Протестот започнува точно напладне од споменикот на предвоени синдикати, ќе продолжи пред Собранието, Министерството за труд и социјала и ќе заврши пред Владата.
Според потписниците, изминатата година најмногу на удар биле вработените во јавниот сектор, а особено во администрацијата, на кои им се наметнале бројни нови правила за полесна контрола и за полесно отпуштање на неподобните, хонорарните работници се изложени на осиромашување поради наметнатата обврска да плаќаат придонеси за хонорарите, на вработените во образованието фактички им е укинато правото да штрајкуваат преку легализирањето на штрајкбрехерството.
„Покрај ова, треба да се напомене и континуираниот игнорантски однос на власта кон вековниот проблем на стечајните работници, како и пресудите за невработените лица по повод кривичните пријави од Фондот за здравствено осигурување. Жолтите синдикати, по обичај, ќе го преспијат Први мај! Но ние, автентичните синдикати и организации за заштита на работничките права, ќе го кренеме нашиот глас! Дојдете заедно да го кренеме гласот против социјалната неправда и против кршењето и намалувањето на работничките права! Први мај не е ден за скара, туку ден за борба за нашите права“, стои во соопштението.