НАТО во иднина ќе продолжи да го намалува контигентот на Косово, во кој во моментов има околу шест илјади војници, изјави генералниот секретар на Алијансата Андерс Фог Расмусен по дискусијата за ситуацијата на Косово на средбата на министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО.
Одлуката за Косово била донесена од министрите без голема дискусија и била објавена кусо по почетокот на вториот работен ден од средбата.
Генералниот секретар на Алијансата оцени дека ситуацијата на Косово во сферата на безбедноста значително е подобрена и благодарение на заедничките напори на мисијата на НАТО, КФОР и на Европската унија, ЕУЛЕКС жителите на Косово имаат поголема слобода на движење.
– Во целина силите на КФОР ја извршиле во голема мера својата работа за гарантирање на безбедноста на сите жители на Косово, рече Расмусен.
Тој истакна дека земјите од НАТО имаат намера да го намалат контингентот на Косово кога ќе доје времето за тоа и кога ќе бидат создадени потребните услови.
Во составот на КФОР во моментот има 6.148 војници.