Филе: Решавање на прашањето за името во раната фаза од преговорите

Од:

Европската комисија понуди предлог за преговарачка рамка за да се реши прашањето за името меѓу Македонија и Грција во рана фаза од преговорите за пристапување на нашата земја во Европската унија, доколку Советот на ЕУ ја прифати четвртата позитивна препорака на ЕК.

Toa e клучната порака во заклучокот на Комисијата во Стратегијата за проширување на ЕУ. Освен препораката до Советот на ЕУ да почне преговори за пристапување на Македонија во Унијата без одложување, Комисијата сега предлага и конкретно нејзино учество во решавањето на спорот за името со Грција, што доколку Советот одреди датум, би се решавало уште во првата фаза од преговорите.

„Во врска со овој предлог, предвид ќе се земат претходните рамки и особено принципите на новиот пристап одобрен од страна на Советот во декември 2011 година. Одржувањето на добрососедските односи, вклучително и постигнување на заеднички прифатливо решение на прашањето за името под покровителство на Обединетите нации, останува од суштинско значење“, посочи Филе пред европарламентарците.

ЕК и натаму како врвни барања ги посочува владеењето на правото, независноста на судскиот систем, искоренување на корупцијата и борбата против организираниот криминал, заедно со продоложување на реформите на јавната администрација. Остварувањето на граѓанските, политичките, социјалните, економските и правото на изразување во некои од земјите сериозно ја загрижуваат Комисијата.

Во Стратегијата за проширување, регионалната соработка и добрососедските односи се есенцијален елемент од Процесот на стабилизација и асоцијација, при што позитивно е претставен дијалогот и компромисот за остварување на добри меѓуетнички односи во случајот со имплементацијата на Охридскиот рамковен договор во Република Македонија.

„Земјата продолжува доволно да ги исполнува политичките критериуми. Владата ја постави ЕУ-агендата во центарот на своите активности. Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) со Комисијата служи како катализатор за забрзување на реформите и придонесе за значителен напредок во голем број клучни политички обласи. Владата поднесе предлог до Собранието за подобрување на законската рамка за избори и во областа на слободата на изразување за декриминализација на клеветата. Првиот преглед на Владата на имплементацијата на Охридскиот рамковен договор обезбеди употреблива алатка за зацврстување на меѓуетничкиот дијалог, се посочува во извештајот на ЕК, јавува МИА.

Комисијата предлага и дека “моментумот на реформите мора да се одржи во сите области од политичките критериуми, особено да се обезбеди нивно спроведување”. Според ЕК, ова е особено важно во однос на владеењето на правото, вклучително и слободата на изразување, каде според Комисијата, мора да се засилат напорите.

„Дијалогот на тркалезна маса меѓу Владата и Здружението на новинари треба да продолжи да биде корисен форум за решавање на клучните предизвици во врска со медиумите. Тензиите меѓу заедниците по насилните инциденти во првата половина на 2012 година предизвика загриженост. Владата одговори зрело на овој предизвик и треба да се работи на понатамошно зајакнување на меѓуетничките односи и помирувањето, посебно во светло на дебатата во врска со статусот на жртвите од конфликтот во 2001 година, потенцира Европската комисија“.

Што е особено важно за Македонија, ЕК во Извештајот ја споменува и пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

„Во декември минатата година, Меѓународниот суд на правдата утврди дека Грција ја прекршила Времената спогодба со земјата со спротивставување на нејзиниот прием во НАТО на Самитот во Букурешт во 2008 година. Останува есенцијално одржувањето на добрососедски односи, вклучувајќи компромисно и меѓусебно прифатливо решение на прашањето за името, под покровителство на ОН. Решение мора да се најде без понатамошно одлагање. Акции и изјави што можат негативно да влијаат на добрососедските односи треба да се избегнуваат, препорачува Комисијата на крајот“.

Проширувањето во Југоисточна Европа помага да се избегнат далеку повисоки трошоци за справување со последиците од нестабилност. Тоа е инвестиција во одржлива демократија. Кредибилитетот на процесот за проширување е од клучно значење за неговиот успех. Одржувањето на моментумот за проширување, како и за реформи се две страни на една иста паричка, се наведува во заклучокот.

Според ЕК, процесот на проширување по својата природа е инклузивен и бара учество на засегнатите страни. Во земјите на проширување, широк политички консензус и поддршка од населението за реформите потребни значително да придонесе за трансформацијата неопходна за реформите потребни за напредокот на патот кон ЕУ. Што е клучно, во заклучокот и препораката за Македонија, што комесарот Филе го соопшти и пред Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, се вели дека „Комисијата по четврти пат препорачува отворање на преговорите за пристапување на Поранешната југословенска Република Македонија“.

„ЕК смета дека со поместувањето на процесот на пристапување на земјата во следна фаза е потребно со цел да се консолидираат темпото и одржливост на реформите, ублажување на ризикот од пресврт во овој процес и зајакнување на меѓуетничките односи. Тоа, исто така ќе го зајакне кредибилитетот на ЕУ и ќе делува како поттик за напори за реформи и кај другите земји од регионот. Горенаведениот пристап бара интензивен политички ангажман од сите страни пред одржувањето на Самитот на Советот на Европската унија“, се наведува во финалниот заклучок, што утринава го потенцираше и еврокомесарот Филе во врска со Македонија пред членовите на АФЕТ.

Тој исто така побара и решавање на кризата во владината коалиција, со цел да се задржи позитивниот моментум на реформи во нашата земја. – Проширувањето ќе даде бенефит и на земјите-кандидати и на Европската унија, која се движи во нова насока со продлабочување на интеграцијата и процесот на проширување бара повеќе напори за пронаоѓање на партнери, истакна Филе во Европарламентот.

Би можело да ве интересира

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Косачов: Европската Унија нема да опстане без Русија и БРИКС

Блумберг: Лидерите на ЕУ го повикаа Бајден да ја зголеми помошта за Украина пред доаѓањето на Трамп

Вучиќ: ЕУ треба да ја промени стратегијата кон Западен Балкан, но и кон Србија

Рама: Извештајот за напредокот на Албанија за 2024 година најпозитивен до сега

А1он