Украина побара Меѓународниот кривичен суд (МКС) да ги истражи сите наводни воени злосторства извршени во Крим и во источниот дел на земјата, изјави денеска украинскиот министер за надворешни работи Павло Климкин пред неговата средба со претседателот и обвинител на Трибубалот во Хаг.
Владата во Киев до Судот веќе имаа поднесено барање за истрага на злосторствата на украинска територија за периодот од 21 ноември 2013 година до 22 февруари 2014 година, односно непосредно пред соборувањето од власт на претседателот Виктор Јанукович и неговото бегство во Русија. Кризата во Крим и бунтот на сеператистите во источните делови на Украина започнаа подоцна во 2014 година.
Според Климкин, истрагата треба да опфати се што е во надлежност на Судот, вклучувајќи ги и злосторствата против човештвото.
– Украина размислува да поднесе тужба и против Русија во Меѓународниот суд во Хаг – Вишиот суд на ОН, кој се занимава со територијални спорови, истакна шефот на украинската дипломатија.
Проширувањето на истрагата, за која зборува Климкин, ќе овозможи за првпат да се проверат тврдењата за директно мешање на Русија во украинскиот конфликт, кои Москва категорично ги отфрла.