Синдикат на културата: СОНК нема капацитет да не’ застапува

Од:

Зачудува фактот што Синдикатот на образованието излегува со соопштение дека ја застапува културата и се бори за неа. За жал, изминатава деценија, вработените во културата имаат длабок впечаток дека се само буквата К во нивното име, реагира Синдикатот на култура на РМ, на соопштението на СОНК.

„Постоењето на хибриден синдикат во кој неприродно се врзани образованието и културата е незамисливо во 21-от век. Впрочем и праксата покажа дека СОНк нема капацитет ниту пак познавање на нашата работа за да може да ги застапува нашите интереси. Зарем воопшто некој во земјава смета дека вработените во образовните институции се компетентни да ги застапуваат правата на носителите на дејност во културата? Само да потсетиме дека во 2006 година, СОНк ги остави сценско-музичките уметници сами да се борат за сопствените права против Владата на Бучковски, токму во моментот кога синдикатот им беше најмногу потребен. Дали јавноста воопшто се сеќава дека СОНк некогаш направил некаков напор за вработените во музеите и конзерваторските центри, театрите и библиотеките. Грижата за културата на СОНк најдобро ја одразува постоечкиот колективен договор чии штети според Министерството за култура не можат да се санираат без детална анализа која трае веќе 9 години.

Во 2014 година СОНк бараше солидарност и поддршка од вработените во културата за неуспешните протести, под изговор дека борбата се однесува и на нас поради тоа што Министерството за култура ги одолговлекува преговорите за нов колективен договор. На еден регионален состанок, претставници на СОНк јавно кажаа дека доколку се исполнат барањата од образованието протестот ќе биде прекинат, а културата може да продолжи сама да се бори.

Овој став е јасен сигнал дека културата апсолутно не припаѓа во истиот синдикат со образованието. СОНК вели дека преговара за колективен договор, а никој не знае кои луѓе се нивните преговарачи и каков е нивниот кредибилитет во однос на различните дејности во културата. Токму поради тоа неминовно се наметнува прашањето за квалитетот на овој договор и неговата адекватност во однос на реалните права и обврски на вработените.

Во Синдикатот на Kултурата на Република Македонија влегуваат членови од синдикалните организации на 17 институции кои се столбот на културата. СКРМ континуирано расте и има апсолутна поддршка од сите дејности на нашата сфера, поточно од оние луѓе што директно ја креираат и негуваат културата во Република Македонија. Без тие луѓе нема да постои уметност, нема да постои творештво, нема да постои културно наследство, а нашата татковина ќе биде само една безлична точка на глобалната карта.

Совет на Синдикатот на културата на Република Македонија

PS Печатната грешка – мало „к“ во името на Синдикатот на образованието е симболична претстава на нивната грижа за културата.“, стои во соопштението на СКРМ.

Би можело да ве интересира

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање