Џозефина Видал: Куба не требаше никогаш да се стави на „црната листа“ на САД

Од:

Главниот кубански преговарач за нормализација на односите со САД Џозефина Видал изјави во Хавана дека нејзината земја никогаш не требало да биде ставена на американската „црна листа“ на земјите кои поддржуваат меѓународен тероризам.

Според Видал, токму Куба беше жртва на „стотици терористички акции“ во кои настрадале 3.473 Кубанци, а други 2099 останале трајно инвалидизирани. Кубанската политичарка не објаснува за кои терористички акции станува збор и кога и каде се случиле, но таа ја поздравува одлуката на Вашингтон за отстранување на Куба од листата на САД на земји-поддржувачи на тероризмот во светот.

Изјавата на Видал е реакција на официјална Хавана на вчерашната изјава на американскиот претседател Барак Обама за тоа дека во „изминатите шест месеци, кубанската влада не спроведувала поддршка на меѓународниот тероризам“. Обама изрази уверување дека тоа нема да се случува нити во иднина.

Тоа значи дека Белата куќа верува оти владата во Хавана не поддржува групи какви што се колумбиската ФАРК и нејзините герилци или баскиската ЕТА

Ваквиот потег на претседателот на САД означува промена во американскиот третман кон Куба во споредба со позицијата од 1982 година, кога оваа островска земја во Карибите, беше ставена на „црната листа“. Само до пред 1,5 година, официјален Вашингтон во редовниот извештај за тероризмот во светот, тврдеше дека Куба долго време претставува „рајско место“ за членовите на ЕТА и на ФАРК.

Портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест изјави дека САД и понатаму имаат разлики со Куба околу нејзините политики и постапките што ги презема, но дека тоа не е причина за останување на листата на земјите поддржувачи на меѓународниот тероризам.

Промената на американскиот став кон Куба доаѓа по средбата на Барак Обама со кубанскиот претседател Раул Кастро на самитот на американските држави во Панама.

Кризата и недовербата во односите меѓу двата соседа настана по победата на кубанската револуција во јануари 1959 година и кусата и неформална средба на Фидел Кастро во Вашингтон со тогашниот американски потпретседател Ричард Никсон.

Во 1960 година дојде до прекин на дипломатските односи и беше воведено трговското ембарго. Следната 1961 година, по неуспешниот обид на кубанските политички бегалци да извршат преврат во Хавана со инвазијата во Заливот на свињите, поддржана од САД, Кастро ја прогласи Куба за комунистичка држава и воспостави тесни, сојузнички врски со Советскиот Сојуз.

Во 1962 година, Кастро му дозволи на СССР да постави нуклеарни ракети на кубанската територија. Ваквата одлука Хавана ја објаснуваше со заканата од американска инвазија, но инсталирањето на советските ракети предизвика опасна меѓународна криза, а САД и Советскиот Сојуз се најдоа на работ од нуклеарна војна.

Недовербата не се промени, па и после 40 години, во 2002 за Вашингтон Куба беше дел од „оската на злото“ и таа позиција остана до одлуката на актуелната американска администрација во 2014 година за нормализација на односите.

Би можело да ве интересира

Кремљ: Ударот со хиперсонични ракети е предупредување за Западот

Американската разузнавачка служба ги предупреди одбранбените компании за заканата од руска саботажа

Чувар на американската амбасада во Осло уапсен под обвинение за шпионажа

Горан Наумовски

Русија: Ја предупредивме Америка за нападот

Со проектили е погодена воена база на САД во Сирија

САД воведоа нови санкции против Русија