Американскиот претседател Барак Обама го информира Конгресот дека планира да ја отстрани Куба од списокот на држави кои поддржуваат тероризам, со што ќе се надмине еден од основните проблеми пред обновувањето на дипломатските односи меѓу двете земји, пренесува БТА.
Одлуката на Обама доаѓа три дена по историската средба со кубанскиот лидер Раул Кастро на самитот на Организацијата на американските држави во Панама. Тоа беше прва средба меѓу двајца лидери на САД и Куба по прекинот на дипломатските односи во 1961 година.
Хавана ја поздрави оваа одлука на Обама, а кубанското Министерство за надворешни работи ја оцени како „правилна“.
Во писмото на Обама до Конгресот се наведува дека кубанската Влада во последните шест месеци „не давала никаква поддршка за меѓународниот тероризам и дала уверување дека во иднина нема да поддржува актови на меѓународен тероризам“.
Конгресот има рок од 45 дена да го оспори решението, а Обама има право да стави вето на одлуката на Конгресот.
Сенаторот Марко Рубио, републиканец од Флорида, кој ја објави својата кандидатура за претседател на САД од страна на својата партија во 2016 година, не се согласува со предлогот на Обама. Рубио, кој е син на кубански имигранти, истакна дека САД треба се осврнат на почитувањето на човековите права во Куба, Венецуела и Никарагва.
Конгресменот од Републиканската партија, Џејсон Чафец изрази загриженост од поддрчката на Куба за тероризмот во Колумбија и Венецуела, додавајќи дека Конгресот треба да ги разгледа разузнавачките извештаи, вклучени во прегледот на Стејт департментот.
Куба од 1982 година е вклучена во списокот на држави кои поддржуваат тероризам, на кој моментно се наоѓаат Иран, Сирија и Судан.