Премиерот Никола Груевски по повод големиот Христијански празник – Велигден, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан и до сите православни верници во Република Македонија и во дијаспората.
– Дозволете ми со голема радост во мое лично име и во името на Владата на Република Македонија, Вам, на членовите на Синодот и на сите православни верници од Македонија и дијаспората, да Ви го честитам големиот Христијански празник – Велигден искрено посакувајќи Ви среќни и благословени празнични денови, вели во честитката Груевски.
Велигден, како што посочува премиерот, е денот кога се празнува Христовата жртва за човековото спасение, тоа е празник на љубовта, почитувањето на животот, и вербата во спасението.
– Велигден е длабоко вкоренет во нашата православна традиција и меѓу православните граѓани кои со голема радост и почит пристапуваат кон празнување на овој ден. Велигден е и празник кој во себе ја носи универзалната и цивилизациска порака на љубов и взаемно почитување, на соживот и разбирање. Секој човек поминува низ мигови на искушенија, наш предизвик е да ја пронајдеме силата во себе да се издигнеме над предизвиците на телото и умот и со божја волја да го избереме вистинскиот пат, патот на почитување, на сакањето, да си помагаме и да не си грешиме или да си предизвикуваме зло еден на друг. Примајќи го зборот божји во нашите срца, даваме мир и спокој на душата. Обединети околу овие вредности треба да чекориме напред, сите заедно да придонесуваме во напредокот и развојот на нашата заедничка држава Република Македонија, стои во честитката.
Пораката на овој ден е љубовта и искреноста да не бидат скудни во нас, вели премиерот Груевски и додава дека тие треба да бидат наша одлика во секојдневието и ќе ни донесат почит од луѓето.
– Велигденското празнување нека ни донесе божји благослов кој ќе допре до сите нас и кој ќе ги осветли душите на сите православни верници. Нека милоста божја биде почувствувана од сите добронамерници, нека значи среќа, мир и долговечност за сите верници, за Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, и за целата наша држава Република Македонија. Нека е за многу години големиот празник! Вечно нека се слави името на нашиот БОГ! ХРИСТОС ВОСКРЕСНА! НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА!, истакнува во честитката премиерот Никола Груевски.