Екипите на Град Скопје и на ЈП „Улици и патишта“ го расчистуваат одронот на патот Средно Водно – Пантелејмон, кој во текот на изминатата ноќ ги покри двете сообраќајни ленти на овој пат и го оневозможи одвивањето на сообраќајот. Во моментов, за сообраќај е проодна едната сообраќајна лента.
Како што соопшти Град Скопје, работниците од ЈП „Улици и патишта“ со соодветна механизација уште веднаш излегоа на терен и ги расчистуваа наносите земја и камења од патот.
За сообраќај веќе е проодна едната лента, а за неколку часа се очекува целосно да биде расчистена и другата сообраќајна лента.
Градот Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да бидат внимателни при движењето на оваа делница, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да ја прилагодат брзината на движење кон условите на патот, а доколку се во можност, при своето движење да ја користат околната патна мрежа.