Со реализација на неколку активности денеска Република Македонија го одбележува 6 Април – Меѓународниот ден на спортот. Годинава одбележувањето на овој голем ден доби и социјална димензија при што во организацијата беа вклучени и дечињата од „Домот за деца без родители 11 Октомври“.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески заедно со македонските спортски легенди Индира Кастратовиќ, Игор Стефановски-Иџе, Благоја Георгиевски-Буштур, Атанас Николовски и Вели Мумин, ги посетија се дружеа со децата од Домот. Потоа во спортската сала „Македонски Херои дечињата практикуваа традиционални игри и спортови. Се одржа и ревијален фудбалски натпревар помеѓу студентите од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и децата од Домот.
– Тоа беше и нашата цел, одбележувањето на денот на спортот да има и социјална димензија преку спортување, дружење и играње да се зајакне социјалната инклузија во македонскиот образовен и спортски систем на децата без родители, и да се мотивираат и охрабрат дека еден ден и тие може да станат студенти или професионални спортисти и да ги остварат своите соништа. Општо познато е дека спортот има моќ да сплотува, да го гради принципот на почит кон противникот и фер играта, принципи кои особено денес им се најмногу потребни на сите чинители во нашето општество, изјави Спасески.
Тој од денешниот настан упати порака кон најмладите редовно да се занимаваат со спорт, за како што рече, да имаат правилен физички, ментален, психолошки и социјален развој.
Во таа насока се и активностите на Владата и Агенцијата за млади и спорт.
– Владата во делот на капиталните инвестиции во спортот во изминатите неколку години, несомнено се заокружува еден концепт на создавање здрава нација и одлична превентива за младите во борбата против пороците на модерното живеење. Токму во таа насока се и проектите за изградба на 50 фудбалски игралишта, 180 спортски сали преку АМС и МОН, 100 повеќенаменски игралишта и 120 тениски терени, како и поддршката која ја дава државата на младите и талентирани спортисти преку стипендиите, потенцира директорот на АМС.
Со резолуцијата на Генералното собрание на Обединети Нации, 6 Април е прогласен за Меѓународен ден на спортот и мирот. По тој повод, целото олимписко и спортско семејство, глобално, за прв пат во историјата го посветува овој ден на Спортот за развој и мир и насекаде во светот се организираат спортски, културни и уметнички манифестации.