Во рамки на манифестацијата „Денови на македонската музика“, Мандолинскиот оркестар „Скопје“ под диригентската палка на Рамадан Шукри вечер ќе одржи концерт во Музејот на Град Скопје.
На програмата се дела на Стојан Стојков, Љубомир Бранѓолица, Стојче Тошевски, Тодор Трајчевски и Филип Иванов. Концертот ќе започне во 18 часот.
Два часа подоцна, исто така, во Музејот на Град Скопје, концертот ќе одржи Дувачкото трио „Aventure“ од Германија. Ќе бидат исполнети дела на Габриел Маланциониу, Макс Келер, Михаел Куел, како и дела на македонските автори Симона Симуноска, Вања Николовски -Ѓумар и Томислав Зографски.
Во недела, пак, концерт ќе одржи Камерниот оркестар на Битола под диригентската палка на Жолт Наѓ од Унгарија. Како солисти ќе настапат пијанистката Ана Гацева и саксофонистот Нинослав Димов.
Битолскиот камерен оркестар ќе изведе премиери на пет македонски дела на автори од помладата генерација Михаило, Трендафиловски, Александар Пејовски, Сони Петровски, Дамјан Темков и Никола Крстевски, кои беа наградени на поселдниот Конкурс за нови музички дела.
Влезот е слободен за сите концерти.