Концерт на ансамблот ConTempora со гости од Германија

Од:

Ансамблот за современа музика ConTempora вечер во Музејот на град Скопје ќе одржи концерт, во рамките на фестивалот „Денови на македонска музика“, на кој како гости ќе настапат членовите на германскиот ансамбл Adventure.

На програмата се дела од Дарија Андовска, Гоце Коларовски, Валентина Велковска-Трајановска, Ана Пандевска, Јана Андреевска, Кокан Димушевски и Михаило Трандафиловски. Со ансамблот ќе диригира Сашо Татарчевски.

Ансамблот за современа музика ConTempora беше формиран лани од Сојузот на композиторите на Македонија со цел да ги изведува и промовира новосоздадените дела на македонските автори. Главната идеја зад создавањето на ансамблот се јави како резултат на неодминливата потреба за пополнување на празнината во македонската современа музичка култура и формирање на камерен состав кој ќе делува исклучиво на полето на современата музика, премиерно изведувајќи дела на македонски композитори, но и на автори од различни делови на светот.

ConTempora во зависност од репертоарот делува во различни инструментални формации, а брои 20 членови, кои со себе носат значајни искуства во изведба на репертоар на музика од 20. и 21. век. За прв пат пред македонската публика ансамблот се претстави во септември минатата година, на концерт со дела на македонски автори одржан во рамки на Генералното собрание на Европската асоцијација на композитори и сонграјтери (ЕЦСА), чиј домаќин беше СОКОМ. Оттогаш, ансамблот се претстави во Холандија, одржа и втор концерт во Скопје и реализира неколку студиски снимки на дела од автори од САД, Иран, Индонезија. Во концертната агенда на ConTempora во следниот период е предвидена турнеја во Белгија, како и неколку концерти низ Македонија.

Ансамблот Adventure е формиран во 1986 година во Германија и е еден од најстарите и најзначајните ансамбли за нова музика во Европа. Со својата редица реномирани концерти во Фрајбург, интензивните контакти со композитори од цел свет, бројните нарачки за композиции, стотиците премиери, меѓународните настапи на концерти, околу 20 ЦД-а и големиот број публикации за посредување на нова музика, ансамблот остварува значаен придонес кон музичките достигнувања на денешницата и нивното приближување кон широката публика.

Би можело да ве интересира

Директорката на Филхармонија е разрешена затоа што несовесно ракува со државна институција и со државни пари, вели министерката за култура

Горан Наумовски

Вработените во Филхармонија протестираа пред Владата

„Животот е убав“ – концерт на Филхармонијата во Градскиот парк

Ана Ололовска

Оркестарот на Филхармонија на 7. Меѓународен фестивал „Музички Едикт“ во Ниш

Ана Ололовска

Оркестарот на Филхармонија гостува во Ниш

Ана Ололовска

Нов протест на филхармоничарите пред Министерството за култура

Ана Ололовска