Во просториите на Агенцијата за млади и спорт денеска на прес конференција беше најавено 47. издание на меѓународната спортска манифестација Илинденски кајак слалом – ИКАС што претстојниот викенд ќе се одржи на Матка крај Скопје.
И оваа година не изостана поддршка од Агенцијата за млади и спорт (АМС) која е генерален покровител на манифестацијата.
– Низ изминативе години македонските кајакари и федерацијата во целост покажа дека со самата промоција и одлични резултати во овој спорт се големи промотори на македонскиот држава. Затоа, Агенцијата за млади и спорт, повторно издвои средства од својот буџет за поддршка на овој кајак слалом, во висина од 500.000 денари. Кајакот во Република Македонија ги има сите неопходни услови за повисок спортски дострел и откривање нови таленти и во тој контекст големата поддршка која ја добива од државата и Агенцијата за млади и спорт, не само во делот на организација на ИКАС, туку и во делот на меѓународните активности на нашите репрезентативци и можноста за обезбедување норма за ЛОИ во Рио Де Жанеиро, за што Агецијата дава континуирана финансиска поддршка, изјави директорот на АМС Марјан Спасески.
За техничкиот дел детали изнесе спортскиот директор на ИКАС Атанас Николовски.
– Традиционалиот меѓународен кајак слалом и оваа година е актуелен помеѓу големите кајакарски имиња од регионот. Со нивното учество се потврдува дека ова е голем настан за нашата земја, како и за Кајакарската федерација, која е организатор. На ова натпреварување ќе имаме 150 кајакари од 11 држави. Натпреварите во машка конкуренција се во три категории К1,Ц1 и Ц2 додека во женска конкуренција во две категории К1 и Ц1. Целта на Кајакарската федерација на Македонија е ова традиционално натпреварување да влезе во светската серија на бодување со што ИКАС би прераснал во натпревар од светски рамки , а со тоа би се зголемил и бројот на учесници и бројот на посетители во Република Македонија, истакна Николовски.
Новина на годинешниот ИКАС е и развојниот камп кој е организиран со поддршка на Светската кајакарска федерација и истиот започна изминатава недела. На кампот учествуваат седум држави со 30 учесници,предводени од двајца македонски тренери Огнен Бражанаски и Атанас Николовски а координатор на целиот камп е францускиот тренер Силван Леукс.
– Кампот е целосно покриен од страна на Светската кајак федерација а Кајакараската федерација на Македонија ја понуди патеката Матка која располага со прекрасни услови за овој спорт. Целта е со вакви збиднувања Матка да биде центар на кајакарскиот спорт во овој дел од Европа, истакна Леукс во своетот обраќање.
Натпреварите започнуваат со квалификациските трки во сабота од 10 часот, додека финалните трки ќе се случуваат во недела со почеток во 10 часот, а благодарение на поддршката на Град Скопје на овој настан, ќе има организиран и бесплатен автобуски превоз за сите заинтересирани посетители кои викендов ќе сакаат да ги следат трките на Матка. Официјалното отварање за ИКАС 2015, ќе се случи утре во 19 часот во Конгресен центар „Борис Трајковски“.