Британски финансиски и економски експерти стравуваат од можноста домашната економија да западне во дефлацоја, откако Националното биро за статистика објави дека минатиот месец во Велика Британија е регистрирана нулата инфлација.
Последен пат ваква ситуација во Велика Британија е регистрирана пред повеќе од половина век, иако некои лондонски медиуми тврдат дека во британската историја, тоа се случило двапати – еднаш во 1786 и вториот пат во 1934 година.
Експертите предвидуваат дека нулатата инфлацијата ќе продолжи и во овој месец, што според нив „неминовно ќе води кон дефлација“.
Сведувањето на инфлацијата на нула, доаѓа како последица на продолженото намалување на цената на суровата нафта, што предизвика пад на цената и на горивата, поевтинување на храната, како и пониски цени на услугите. Се предвидува таквата ситуација да продолжи и во следниот период, што ги наведе британските експерти да предупредуваат на опасноста од појава на дефлација.
Се стравува дека дефлацијата може да предизвика забавување на економскиот раст, затоа што ќе ги натера бизнисмените да бидат максимално внимателни, а поединците да ја намалат потрошувачката и да го одложуваат купувањето, очекувајќи натамошно намалување на цените.
Дел од британските експерти сметаат дека нулатата инфлација може да и помогне на актуелната Влада и на партиите од владината коалиција пред мајските парламентарни избори, за да се пофалат со својата успешна економска политика. Тоа е особено важно за Конзервативната партија на премиерот Дејвид Камерон, која се обидува да извојува убедлива победа, што ќе и овозможи сама да формира влада.
Владиното задоволство од економската политика и од мерките за стабилизација на банкарско-финанското работење доаѓа во време кога централната Банка на Англија за оваа година предвидува раст на инфлацијата од два отсто.
Истите експерти предупредуваат дека стабилизацијата на економијата, сепак, не смее да се врзува за појава на дефлацијата, која се оценува како опасна и не претставува позитивно постигнување. Некои од експертите и сугерираат на централната банка веднаш да реагира со натамошно намалување на основната каматна стапка и со пуштање во оптек на „свежи“ печатени пари на пазарот.
Лондонски „Тајмс“ меѓутоа забележува дека нема потреба од нервозна реакција. Аналитичарите на весникот предвидуваат раст на домашните цени без разлика на сегашната состојба и без потреба со дополнителни финански мерки да се поттикнува инфлација.