Политика – Белград
Повторувајќи ја политика на скротување на Москва од времето на Студената војна, Вашингтон го превиде фактот дека светот не е ист како пред половина век.
Иако меѓу европските политичари постојат различни толкувања за настаните во Украина се чини дека конфронтацијата со Русија сепак во најголем дел е охрабрувана од Вашингтон, додека Стариот континент во најголема мера во тој натпревар беше колатерална штета.
Меѓутоа, кога некои идни историчари еден ден ќе ја анализираат кризата во односите меѓу Исток и Запад, чии сведоци сме денес, клучното прашање ќе биде кога всушност таа почнала. Дали клучниот момент се одигра кога Виктор Јанукович одби да го потпише договорот за приклучување во Европската унија, моментот на смена на власта во Киев или со руската анексија на Крим?
Стратезите и политичките аналитичари на различни начини ја толкуваат најголемата конфронтација на Вашингтон и Москва во поновата историја. За некои војната веќе почна и само се чека покренување на нуклеарниот арсенал, додека други во новонастанатата криза гледаат само појавен облик на процес на менување на концентрацијата на глобалната моќ.
Со новата мировна иницијатива на Ангела Меркел и Франсоа Оланд се предупредува на повторување на едно не така дамнешно непријателство чии главни протагонисти исто така беа Русија и САД, а последиците ги почувствува целиот свет. Паралелите со Студената војна искрснуваат и веќе некаде на почетокот на украинската криза американскиот претседател Барак Обама се заложи за долгорочна политика кон Кремељ, која не е ништо друго туку студено воена политика на спречување (containment).
Да е жив Џорџ Кенан или господин Икс, како што овој американски дипломат во 1947 година потпиша текст во Форин Афеарс, за тоа каква треба да биде политиката на САД кон СССР, денес задоволно ќе триеше раце.
– Основниот елемент на секоја американска политика кон Советскиот Сојуз мора да биде долгорочно, трпеливо, но и одлучно спречување на сите руски експанзионистички стремежи, напиша Кенан во текст кој ќе стане евангелие на Студената војна.
Натписот стана сензација во Америка, а изразот спречување влезе во лексиконите. Администрацијата на претседателот Хари Труман веднаш ја прифати политичка филозофија на Кенан, кој подоцна беше амбасадор во Белград, и во следните неколку години се обидуваше да ја спречи советската експанзија на повеќе начини, вклучувајќи го основањето на НАТО во 1949 година, додека истовремено Москва буквално беше игнорирана во системот на меѓународните односи.
Речиси по 70 години нема голема разлика меѓу политиката на Белата куќа кон Русија. Американските медиуми пренесоа, повикувајќи се на разузнавачки извори, дека Обама дури и кога би дошло до задоволително решение за украинската криза, никогаш нема да има конструктивен однос со Владимир Путин. Остатокот од претседателскиот мандат, пишува „Њујорк тајмс“, ќе го помине во обид да ги минимализира неприликите кои Путин би можел да ги предизвика, да зачува толку спорадична комуникација колку може да се зачува, а во други околности да го игнорира господарот на Кремљ.
Путин во јавно обраќање на руските дипломати рече дека украинската криза покажува дека САД ја продолжуваат политиката на студена војна, но дека Москва сепак нема да ги замрзне односите со Вашингтон.
– Секогаш сме се стремеле да бидеме предвидливи партнери. Подготвени сме за конструктивен дијалог, но на рамноправна основа, потенцираше Путин, истакнувајќи дека Русија сепак не е заинтересирана за учество во иницијативи во кои не се уважува нејзиниот глас. Разбирањето на новата студена војна, како што се почесто се нарекува моменталната криза, е невозможно без споредување со таа првата, вистинската.
Падот на Берлинскиот ѕид означи олабавување на тензиите од студената војна, а на Малта се случи средба меѓу Џорџ Буш и Михаил Горбачов каде декларативно ги закопаа воените секири. Договорено беше и дека Советскиот Сојуз нема да интервенира во источноевропските земји за во нив да го сочува комунистичкиот режим, а Америка за возврат се обврза дека нема да го злоупотреби договорот.
Џентлменскиот договор беше погазен кога за време на администрацијата на Бил Клинтон дојде до забрзано проширување на НАТО во Источна Европа. На исцртувањето на новиот светски поредок со доаѓањето на Алијансата во рускиот двор, реагираше и Џорџ Кенан (истиот тој кој се смета за татко на доктрината на спречувањето на СССР), предупредувајќи на потенцијално опасни сценарија кои денес се остваруваат.
Поради тоа би било погрешно причините за украинската криза да се бараат во Мајдан или во анексијата на Крим. Вирусот на сегашната конфронтација меѓу САД и Русија, било таа да се нарекувала нова студена војна или некако поинаку, е посеан со продорот на НАТО на исток.
И покрај многуте сличности, уште повеќе има разлики меѓу оваа криза и таа пред половина век, па затоа е и потешко да се предвидат идните последици од настаните во Украина.
Прво, Русија не е исто што и Советскиот Сојуз. Освен помалку луѓе и територија, многу поранешни советски сателити сега пријдоа кон друга орбита. Естонија, Летонија, Литванија, Полска, Чешка, Словачка, Унгарија, Романија, Бугарија, основаат непрекинат низ членки на НАТО пактот во непосредното соседство на Руската Федерација.
Економската слабост на Москва изби на виделина поради санкциите на САД и ЕУ, но и поради падот на цената на енергентите на светскиот пазар. Наспроти огромните природни богатства и солидно квалификуваната работна сила, Русија се најде во состојба нејзиното целокупно стопанство да зависи од извозот на нафта и гас. Западот е свесен за тоа и токму тоа се картите на кои ќе игра, за што поголемо скротување на Кремљ.
Светот во меѓувреме се промени и за разлика од окупацијата на Москва во студената војна, денес сепак има и други опции. Свртувањето кон Кина и источните партнери на големо е во тек и ќе биде дополнително зајакнато ако ЕУ и САД продолжат со политика на санкции. Од таквиот развој на настаните најмногу корист на крај ќе има Кина. Веќе се покажа дека во рускиот партнер пред се гледа извор на суровини за снабдување на своето стопанство.
Политиката на спречување на Москва не е изводлива како во времето на Студената војна и поради тоа што Русија во поголема мера од СССР е американски партнер во многу меѓународни жаришта. Решавањето на отворените прашања во Сирија, Иран или Авганистан не е можно без заедничко делување, а спречувањето судејќи според се, нема да се однесува ни на прашањата за нуклеарната безбедност.
Актуелната состојба изгледа црно и ни малку не ветува, но страшна е вистината дека може да биде уште полоша. За да се избегне отворен судир во кој би била вовлечена цела планета, еден од нај угледните американски интелектуалци Џон Миршајмер предлага решение: Да се тргнат од маса сите понуди за членство на Украина во НАТО или ЕУ и од Украина да се направи неутрална гранична земја.
За таков пат потребна е подготвеност на Вашингтон во чии раце се посилните карти, додека со НАТО пред вратите на Москва нема многу простор за маневар. И не би било прв пат. Претседателот Роналд Реган, кој со реченицата Ние ќе победиме, тие ќе изгубат, детално објасни што мисли за односите меѓу САД и СССР, се согласи во 1986 на средбата со Михаил Горбачов, на пола пат во Рејкјавик. Двајцата лидери тогаш направија историски напредок и двајцата поверуваа дека ставиле точка на Студената војна.