Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека е постигнат договор со Франција и Шпанија за трите земји меѓусебно да соработуваат за утврдување на причината за падот на авионот на германската авиокомпанија „Џерман Вингс“, кој денеска се урна во Јужна Франција со 144 патници и шест членови на екипажот.
Францускиот државен секретар на министерството за сообраќај Ален Видали изјави дека нема преживеани во падот на авионот Ербас А 320 на германската компанија на летот од Барселона за Дизелдорф, кој се урна во тешко достапен дел на француските Алпи, на 100 километри северно од Ница.
Меркел истакна дека Германија, Шпанија и Франција се во шок и длабоко жалат поради несреќата. Германската канцеларка најави дека утре ќе го посети местото на несреќата.