Најмалку 26 лица загинаа, а над 30 се повредени утринава откако експресен воз излета од шини во селото Бачраван, 50 километри од Лукнов, во северната индиска сојузна држава Утар Прадеш, соопшти индиската полиција.
Главниот официр за односи со јавноста на Северната железница Нираџ Шарма изјави дека ќе биде спроведена истрага за причините за несреќата.
Индиските власти претходно објавија дека две деца загинале во железничката несреќа.
Локалното население, полицијата и работници учествуваа во спасувањето на патниците заробени во три целосно уништени вагони, што утринава излетаа во близина на селото Бачраван. Причина за несреќата може да биде грешка на машиновозачот или дефект на системот за сопирање.
Железничките несреќи во Индија се чести. Индиската железница е една од најголемите во светот и со неа секојдневно се превезуваат над 23 милиони патници.