Градот не се откажува од трамвај, но не знае кога ќе биде

Од:

По втор пат заврши со неуспех тендерот на Град Скопје за избор на фирма која ќе учествува во изградбата на трамвајска линија.

Од Градот велат дека документацијата ја подигнале 13 фирми, но ниту една не сакала да се вклучи во проектот вреден 243 милиони евра. На денешната седница градското собрание ја поништи одлуката од јули 2013 година за доделување на јавно-приватно партнерство за изградба на системот.

Дополнително Јавното сообраќајно претпријатие најави изградба на автобуски настрешници по трасата по која требаше да се движи трамвајската линија. Градоначалникот, Коце Трајановски, и покрај тоа вели дека Градот не се откажува од овој проект.

– Градот Скопје нема да се откаже од изградба на трамвај. Имаме контакт со странска компанија која предложи во друга форма да го гради градскиот трамвај, така да Градот Скопје со помош на Владата не се откажува. Но да не се губи време, бидејќи не се знае кога ќе биде тоа, договоривме со Јавното сообраќајно претпријатие да се постават автобуските настрешници со оглед на тоа што тие се монтажни и лесно можат да се постават во руралните делови каде што не е планиран трамвај. Така да тоа нема да бидат залудно потрошени пари – изјави денеска Трајановски.

Сепак тој не сакаше да каже во која друга форма би можел да се изгради долгоочекуваниот трамвај.

– Не би сакал да дискутирам, тоа е еден е тендерски услови. Компаниите нудат други форми, а прашањето останува отворено – рече тој. Трамвајот е еден од најпромовираните проекти на оваа власт, но и најгорливиот неуспех. Се прават обиди да се реализира од почетокот на мандатот на актуелниот градоначалник, Коце Трајановски, но секоја година се одложува.

Проектот датира уште од времето на поранешниот градоначалник, Трифун Костовски. Во 2013 година беше поништен првиот тендер затоа што само една фирма достави понуда, но не ги исполнуваше условите. Веднаш потоа беше распишан вториот, кој годинава заврши без доставена понуда.

Град Скопје предложи трамвајската линија да се изгради преку јавно приватно партнерство така што трошоците би биле поделени пола-пола. Приватниот инвеститор би бил обврзан да набави 22 трамвајски возила, да ја проектира трамвајската траса, да изгради трамвајски станици, депоа и да стопанисува со системот во следните 35 години.

Со овој пропаднат обид не ќе се реши проблемот со енормното загадување на Скопје, со оглед на тоа што трамвајот требаше да ги ублажи последиците и да ја намали количината на издувни гасови. Уште долго проблем ќе претставува и сообраќајниот метеж во центарот на Скопје. Ова е втор капитален проект кој Градот не успева да го реализира откако пропаднаа обидите за изградба на подземна сообраќајница, тунел кој требаше да ги поврзе крстосницата кај НБРН со она кај Владата и на тој начин да преземе дел од сообраќајниот метеж.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Голем пожар во зграда во Чаир: Евакуирани над 100 луѓе, има повредени

Катерина Ѓуровски

АХВ нареди времено затворање на кујната во касарната „Гоце Делчев“

Горан Наумовски

Во Скопје се санираат штетите од синоќешното невреме

Повеќе од 12 часа делови од Скопје без струја

Од силниот ветер падна дрво и повреди жена во центарот на Скопје

Катерина Ѓуровски

Во Тетово и во Скопје уште се санираат последиците од невремето