Младинскиот културен центар (МКЦ), во соработка со BRIDGES, од денеска до 19 март, ќе биде домаќин на филмскиот фестивал „Eurovideo 2015“.
Фестивалот е организиран од страна на Videografphies и Фондацијата Монс 2015. Оваа, како што ја нарекуваат, „Евровизија за кратки филмови“, ќе се одржува во Театарот во белгискиот град Лиеж, а тридневната манифестација ќе биде симултано пренесувана во Cafe Europa локалите во Монс, Сараево, Скопје, Сан Себастијан и Калининград. Наградените дела ќе бидат прикажани и на белгиската национална телевизија.
На програмата се 24 кратки филмови кои доаѓаат од 17 различни европски држави, а меѓу нив за свое место се избори и краткиот македонски филм под наслов „I want to abuse“ на режисерката Наташа Неделкова.
Паралелно со натпреварувачката програма, свој придонес ќе имаат и трите Carte blanche односно ненатпреварувачки програми: „Ludwig Forum“ од Ахен кои на оригинален начин ќе ја прикажат видео арт историјата на Германија, Белгија и САД, „Duplex 100м2” од Сараево кои ќе отворат посебен видик кон различната и културно богата видео арт заедница во БиХ, како и „Tabakalera” од Сан Себастијан кои ќе го прикажат победничкото видео од нивниот последен Фестивал на филмските академии.
Првите два дена се гласачки и натпреварувачки каде по проекциите, секој од публиката ќе има можност да гласа за петте најдобри филмови од селекцијата. Третиот ден е прогласувањето на наградените и прикажувањето на победничките филмови.
Најдобрите во категоријата Films and Videos ќе имаат можност да се здобијат со наградите: The Innovation Award for Technologs or Treatment (1.500€)”, “The Innovation Award for the Most significant content (1.500€)” и „The European Audience Award (1.500€)”, каде Македонија е во конкуренција за наградата.
Проекциите се бесплатни и ќе се прикажуваат во Cafe Europa – Скопје, лоцирано во Кафулето во МКЦ со почеток во 20:30 часот.