Во новиот број на индиската книжевна ревија „Инчентин версис“ се објавени избрани песни преведени на англиски јазик и био-библиографија на Звонко Танески – поет, критичар, преведувач и универзитетски професор.
Македонскиот автор е претставен во списанието меѓу трите истакнати прилози, заедно со добитничката на наградата „Восхитувачки поет“, поетесата Гејл Денди и со поетот Филип Фрид, издвоен по избор на редакцијата (Editor’s Choice).
„Инчентин версис“ е водечка индиска електронска книжевна ревија која првенствено е фокусирана на современата светска поезија. Главен уредник е еден од најафирмираните помлади индиски поети, Сонет Мондал, а гостин-уредник на овој број беше поетот Марк Винченц. Уредник-консултант од Македонија е поетот и книжевен критичар Јовица Тасевски-Етернијан.
Покрај поезија, во новиот број на списанието се објавени и критички осврти и книжевни студии.
Танески дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје. Остварил студиски престој на Универзитетот во Перуџа, Италија. Докторирал на Филозофскиот факултет при Универзитетот Коменски во Братислава, на Катедрата за словачка литература и литературна наука.
Подоцна уште докторирал и на Катедрата за превод и толкување на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра со тема од областа на словачко-македонските книжевни и културни врски.
Почесен член е на словачкиот ПЕН центар. Добитник е на повеќе книжевни награди во Македонија и во странство, а дел од неговото творештво е уште публикувано или претставено на различни јазици.