Во полскиот град Бидгошч ќе биде распореден еден од командните центри на НАТО, познати како Единици за интеграција на силите на НАТО, соопшти денеска вицепремиерот и министер за одбрана на Полска Томаш Шемонјак, јави ТАСС.
Според Шемонјак овој центар за команда и контрола ќе се занимава со зајакнување на алијансата во Источна Европа и во Полска.
Шемонјак истакна дека одлуката за распоредување на такви структури во Естонија, Литванија, Летонија, Полска, Романија и Бугарија била донесена на средба на самитот на пактот во Њупорт, во Велс минатата година. Тој изрази надеж дека сите одлуки од самитот ќе бидат исполнети до самитот на НАТО во Варшава во втората половина на 2016 година.
Полската едница треба да почне да функционира кон средината на следниот месец, а во јуни ќе биде целосно готова за втора фаза на вежбите на НАТО Силите за брзо реагирање во западните делови на Полска под името „Ноубл џамп“. Вежбите ќе почнат во април, со учество на силите за брзо реагирање од Чешка и Холандија.