Лидерот на СДСМ, Зоран Заев од Универзалната сала побара оставка на владата, обвинителот и раководството на МРТ.
-Владата на Груевски веднаш да поднесе оставка, Марко Зврлевски веднаш оставка. Раководниот тим на МРТ веднаш да поднесе оставка, бараме да се формира преодна Влада за организирање фер и демократски избори во Македонија. Обврска ќе биде да се обезбеди целосно раздвојување на владеачките партии од институциите како основен предуслов за фер избори. Во Владата нема да може да учествуваат лице за кои има сомнежи дека учествувале во незаконски дејствија. Паралелено ќе мора да почне независна истрага за скандалот со прислушувањето со вклученост на меѓународната заедница.
Од првата до последната напишана буква во објавената документација, и од првиот до последниот изговорен збор во објавените разговори, `СЕ Е ВИСТИНИТО!
Груевски и Мијалков го урнисале уставното уредување на Република Македонија.
Груевски и Мијалков врз разурнатите темели создале пара – држава, во којашто ВМРО-ДПМНЕ е `се: и полиција, и обвинителство, и судство, и судбина!
Нема да должам.
Одовде назад нема!
Оваа Влада повеќе нема легитимитет!
Оваа Влада повеќе не е Влада на Република Македонија!
Од оваа говорница вечерва, од името на Социјалдемократскиот сојуз и на коалициските партнери барам:
Владата на Никола Груевски веднаш да поднесе оставка!
Јавниот обвинител на Република Македонија, Марко Зврлевски, веднаш да поднесе оставка!
Раководниот тим на Македонската радиотелевизија веднаш да си поднесе оставка!
Бараме, да се формира формат на преодна Влада, којашто ќе има мандат да ги обезбеди неопходните услови за спроведување слободни, фер и демократски избори.
Ова е решението за оваа најдлабока политичка криза од независна Македонија, во којашто власта на Груевски ја турна државата.
Обврска на преодната Влада ќе биде да обезбеди целосно раздвојување на владеачките партии од институциите што сега ги имаат окупирано и нивно департизирање по сите линии, како основен предуслов за демократски избори.
Во составот на преодната Влада нема да може да учествуваат лица за кои има сомнежи или докази дека на каков било начин учествувале во незаконски и криминални активности.
Паралелно со целиот овој процес, ќе мора веднаш да започне јавна, транспарентна и непристрасна истрага за скандалот со прислушувањето, со вклученост на меѓународната заедница.
Политичките последици од овој процес, почитувани граѓани и почитувани присутни, ќе овозможат почеток на уставното заздравување. Слободата и демократијата се трајни стремежи и витални вредности, во чиишто темели се вградени 24.000 животи на граѓани на Македонија од макотрпната народно-ослободителна епопеја и денеска сме пред новиот историски предизвик, да ги вратиме каде што им е местото! Повторно, во нашата Република Македонија!
И најважно од `се, Република Македонија на овој начин ќе продолжи да се движи напред, кон својата историска дестинација, европската заедница на еднакви и слободни граѓани.
Еднаш и засекогаш ќе бидат напуштени нереалните илузии на некакви или за некакви “големи “ Македонци. Ќе градиме држава на еднакви граѓани. Ќе ја градиме европска Македонија.
Почитувани граѓани,
СДСМ и коалициските партнери се цврсто решени да ги вратат слободата и демократијата во Република Македонија.
Времето на овој режим истече!
Сакам да порачам, на Никола Груевски кој гледам дека сеуште сака да живее во надеж дека `се од него зависи, како и на неговите неколкумина соработници:
Да не помислат да прават раздор меѓу луѓето,
Да не помислат да прават немири,
Да не помислат да се закануваат и да уценуваат,
Да не помислат на црните сценарија што им се вртат во главите, да ја дестабилизираат државата!
Дестабилизација на Република Македонија нема да дозволиме!
Готово е Груевски!
Најавувам дека ова не е финална трибина. Ќе следуваат и други. Продолжуваме со нашата цврста и непоколеблива одлучност, да ја откриеме до крај Вистината за Македонија.
За што?
За слободата пријатели! За слободата на говор, слободата на сопствена мисла, слободата на движење, слободата на работа, слободата на лекување, слободата на школување. За слободата на свој сопствен живот.
Ете тоа е мојата светла ѕвезда водилка и зошто тргнав низ овој темен, трнлив пат.
Понекогаш ќе слушнам, што ти требаше ова? Имаш семејство, градоначалник си, стана претседател на најголемата опозициска партија, можеше да си седиш по страна и да не вовлекуваш во неволји…
Можев ли? Да знам што се случува, да гледам и да молчам?! Можно ли е?!
Не, не можев. Не можам. Не сакам да бидам соучесник во овие злодела што секој ден одземаат по нечија насмевка, рече Заев.