Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека неговата Влада ќе побара од Парламентот да го одобри испраќањето унгарски војници во Ирак, кои ќе треба да им се приклучат на западните сојузници во борбата со Исламска држава, пренесоа американските медиуми.
На денешната средба со унгарските дипломати Орбан кажа дека учеството во кампањата на нејзините западни коалициски партнери на Унгарија ќе донесе престиж и признание на нејзината надворешна политика.
Претхиодно министерот за надворешни работи Петер Сијарто изјави дека на барање на САД Унгарија може да испрати меѓу 100 и 150 војници, кои ќе дејствуваат заедно со германските и италијанските сили во северен Ирак, каде ќе ги обезбедуваат центрите за обука на ирачките војници.
Иако десничарската партија ФИДЕС на Орбан веќе го нема двотретинското мнозинство во Парламентот, што е неопходимо за да се одобри воената мисија, некои опозициски пратеници изјавија дека ќе го поддржат владиниот предлог.