Забраната за сообраќај за тешки товарни возила на планинскиот превој Ѓавато е укината утрово во 7 часот у 15 минути.
АМСМ соопшти дека е нормализиран сообраќајот на патниот правец Велес – Скопје, кој беше во прекин поради интензивни врнежи од снег и попречена цистерна во близина на зимскиот пункт Кула.
Поради одрон на патниот правец Кичево – Битола кај селото Железнец сообраќај се одвива по една коловозна лента во должина од 15 метри.
Забраните за движење на тешки товарни возила сеуште се во тек на планинскиот премин Стража и на патниот правец Крива Паланка – граничен премин Деве Баир, како и на кракот Маврово – Дебар.
Според АМСМ, сообраќајот на останатите државни патишта се одвива по влажни коловози, наместа со остатоци од кашест снег. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во целата држава, освен во јужниот дел каде врнежите се од дожд и снег.
АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево, Виница – Берово каде е можна почеста појава на одрони.