Собранието на Република Македонија на денешната 43. седница треба да расправа и да гласа за доверба на Владата, по барање на опозициската СДСМ.
Според оваа партија, причина за барањето за гласање на доверба на Владата е, како што образложија, „двомесечната фингирана конфронтација меѓу владините партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, со која се загрозуваат меѓуетничките односи и интеграциите на земјата“.
Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски денеска ќе одржи координација со координаторите на пратеничките групи. На координацијата, врз основа на член 216 став 3 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, ќе се утврди редоследот на пратениците по пратенички групи и пратеници кои не се организирани во пратеничка група кои ќе учествуваат во претресот по прашањето за доверба на Владата на Република Македонија.
Собранискиот Деловник предвидува прашање за доверба на Владата да можат да поднесат најмалку 20 пратеници, во писмена форма и со образложение, но може да постави и премиерот во писмена форма или усно на седницата на Собранието.
Доколку прашањето го постават група пратеници, претседателот на Собранието веднаш го доставува до сите нивни колеги, Владата и претседателот на државата, а кога прашањето за доверба на Владата премиерот го поставува усно на седницата на Собранието, претседателот на Парламентот веднаш го известува шефот на државата.
Прашањето за доверба на Владата може да се повлече до почетокот на седницата на Собранието, на која треба да се расправа по прашањето за доверба на Владата.
Откако е поставено прашањето за доверба на Владата, претседателот на Собранието веднаш свикува седница, која треба да се одржи третиот ден од денот на поставувањето на прашањето.
Собранискиот Деловник предвидува да се води претрес по поставеното прашање за доверба на Владата. Притоа, право да го образложи има еден од пратениците кои го поставиле прашањето во траење од најмногу 30 минути.
Редоследот на пратениците по пратенички групи и пратеници кои не се организирани во пратеничка група, а кои ќе учествуваат во претресот се определува во договор на претседателот на Собранието со координаторите на пратеничките групи пред почетокот на седницата. Пратеникот во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 15 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 20 минути. Претседателот на Владата и пред гласањето има право да му се обрати на Собранието.
Согласно Деловникот, Собранието гласа за недоверба на Владата по истекот на третиот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба.
Доколку пак се искористи втората можност прашањето за доверба на Владата да го постави премиерот усно на седницата на Собранието, пратениците гласаат за доверба на Владата на истата седница, но без расправа.
Во случај да и биде изгласана недоверба Владата, премиерот до Собранието поднесува оставка во рок од 24 часа од изгласувањето на недовербата. За изгласаната недоверба на Владата и за поднесената оставка, претседателот на Собранието веднаш го известува претседателот на државата.